Претседателот на ЗЕЛС се обрати на конференцијата „Влијанието на корупцијата и непотизмот врз реформите, платите и капацитетите на јавниот сектор“

Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски имаше воведно излагање на конференцијата „Влијанието на корупцијата и непотизмот врз реформите, платите и капацитетите на јавниот сектор“ што  се одржа на 13 февруари, 2024 година, во Скопје во организација на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија.  Пред присутните претставници од синдикалните организации, експерти и гости, меѓу кои и директорот на Националниот демократски институт во нашата земја, Дејвид Сип, претседателот на ЗЕЛС нагласи дека  императив на секоја единица на локална самоуправа е да обезбеди квалитетни услуги за своите граѓани, за што се потребни службеници кои имаат висок степен на личен и професионален интегритет и кои низ транспарентно и отчетно работење ќе придонесат за намалување на можностите за корупција и зголемување на довербата во институциите. Тој посочи дека и воведувањето на електронските услуги за граѓаните претставуваа начин на превенирање на можности за коруптивни дејства, при што како пример ги посочи  електронските услуги што ги нудат општините за граѓаните, со поддршка на ЗЕЛС.  Постапките за издавање на дозвола за градење се водат исклучиво по електронски пат ; потоа продажбата на државно градежно неизградено земјиште со јавни аукции се спроведува електронски, како и продажбата на движни и недвижни ствари, сопственост на општините. Ѓорѓиевски нагласи дека веќе петгодишна  заложба на ЗЕЛС е и воспоставување на електронски систем за плаќање на данок на имот, за што централната власт засега не обезбедува поддршка на овој процес.

Од не помало значење, според Ѓорѓиевски во градењето на професионалната администрација е и висината на нивните плати и надоместоци, при што посебно се задржа на актуелните случувања за остварување на договорените обврски што произлегуваат од колективните договори што ги склучила Владата со синдикатите, на товар на општините, без вклучување или консултација со ЗЕЛС и без при тоа да ја префрли потребната висина на финансиски средства за нивна реализација.

Во своето излагање Ѓорѓиевски говореше и за новиот Предлог -Закон за јавна администрација, каде се ставени и одредби со кои директно се кршат одредени, со Устав, гарантирани права на работникот. Преку овој Предлог –Закон се предвидува јавната администрација во општините, за исто звање и  одговорности да има помал бод на плата од вработениот во државната администрација, што ќе доведе до напуштање на позициите во општините и вработување на стручниот кадар на централно ниво. Тоа е особено загрижувачки, бидејќи преку ЗЕЛС тренинг центарот се вложувани континуирани напори за наградување и обучување на општинската администрација, а воедно загрижува и фактот на континуиран недостаток на соодветни кадри во општините, особено од областа на информатичката технологија, од урбанизмот, животната средина, инспекциски служби и други области. И покрај  доставените реакции од ЗЕЛС и од општините досега не се направени некои посоодветни измени, а во минатото игнорирани се и предлозите на ЗЕЛС - општините како посебна власт во земјава, да имаат можност самостојно да ги утврдуваат платите. Ако не на целокупната администрација, тогаш барем во делот на дефицитарните кадри како и на онаа администрација која носи дополнителни финансиски средства за општината, преку креирање на проекти за аплицирање во европските и други фондови. 

Во делот од темата што се однесува на непотизмот, Ѓорѓиевски нагласи дека се залага за запазување на процедурата и избор за професионален кадар, без никакви политички, роднински,  етнички или било какви приоритети.  На крајот од своето излагање Ѓорѓиевски рече дека ЗЕЛС и општините ги поддржуваат синдикатите во делот на нивната борба за почитување на правата на работникот и дека поканата до ЗЕЛС за учество на оваа конференција е дополнителна потврда за продолжување на успешно започнатата соработка на ЗЕЛС со ККС и СОНК за взаемно договарање за понатамошните чекори околу реализацијата на утврдените обврски кои произлегуваат од колективните договори.