„Регионална соработка со подобра социјална инклузија на локално ниво“

По еден претставник од општинската администрација и од граѓанските организации „Бравура“ и „Наша порака“ од општините Делчево и Куманово, како и еден претставник од ЗЕЛС учествуваа на регионална работилница во рамките на проект „Регионална соработка со подобра социјална инклузија на локално ниво“ што се одржа во периодот од 6 до 8 февруари, 2024 година во Тирана, Албанија.  Станува збор за проект во кој е вклучен ЗЕЛС и двете пилот - општини од нашата земја заедно со општини и асоцијации на локални власти од : Србија, Албанија, Косово и Босна и Херцеговина. Целта е активностите опфатени со овој проект да се надградат со интегрирање на родовите и миграциските аспекти за подобра социјална и економска инклузија на ранливите групи во општините. Проектот го финансира Сојузното германското министерство за економска соработка и развој, а го спроведуваат Мрежата на асоцијации на локална самоуправа од земјите од Југоисточна Европа (НАЛАС) и ГИЗ. 

На тридневната обука за интегрирање на родовите и миграциски аспекти во социјалните политики и услуги, фокусот беше ставен на спроведување на социјално мапирање и јакнење на услугите што се испорачуваат преку Дневен центар. Општините Делчево и Куманово досега покажаа голем прогрес во однос на обезбедувањето на социјални услуги за граѓаните, а воспоставувањето на Дневен центар го реализираат со здружението „Бравура“ од Делчево и “Порака Наша“ од Куманово.

На обуката и претходеше истражување во петте земји за утврдување на актуелната состојба на имплементирање на родова интеграција во локалните политики, грижата за мигранти и креирањето мерки за нивна интеграција, што го спроведе експертката Марија Као, ангажирана од ГИЗ. Беа реализирани повеќе онлајн интервјуа со одговорните од општинската администрација и  со граѓанските здруженија од  пилот- општините, како и со претставниците од асоцијациите на локалните власти. Експертката ги презентираше резултатите од истражувањето на оваа работилница, при што изнесе и одредени препораки за развивање на концепти за подобро интегрирање на родовата еднаквост и миграцијата во социјалните услуги. Искуствата на општините за родовото интегрирање во локалните политики и буџет се на различно ниво, па од голема полза беа презентираните  позитивни и негативни практики. За разлика од општините во Косово и Босна и Херцеговина што изнесоа практични примери и мерки за интегрирање на мигрантите, општините од нашата земја, можеби поради законската поставеност, презентираа основни информативни услуги што им ги даваат на своите граѓани кои се вратиле во земјата. Сите учесници работеа на конкретни примери и концепти што треба понатаму да ги развијат во своите општини заедно со давателите на услуги (здруженијата) за што од проектот ќе добијат финансиска поддршка од 5.200 евра по општина. Асоцијациите на локални власти од земјите учеснички имаат координативна улога и ќе ги поддржуваат сите активности  што треба да се реализираат во период од 13 месеци.