Општина Кисела Вода домаќин на дваесеттата седница на Управниот одбор на ЗЕЛС
Дваесеттата седница на Управниот одбор на ЗЕЛС се одржа на 15 февруари, 2024 година во салата на Советот на Општина Кисела Вода. Присутните му се заблагодарија на градоначалникот на општината, воедно и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски за поканата, со која се поддржува иницијативата дел од седниците на ова тело да се одржуваат и во други општини, а не само во просториите на ЗЕЛС. На оваа седница членовите на Управниот одбор на ЗЕЛС дискутираа на повеќе актуелни теми од спроведувањето на надлежностите на локалната самоуправа. Посебно внимание беше посветено на постапките што треба да се преземат за да се пролонгира утврдениот рок во преодните одредби од Законот за урбанистичко планирање. Се дискутираше и за доставените прашалници од страна на Министерството за транспорт и врска до одредени општини за изјаснување по иницијативата на ЗЕЛС покренување на законски измени во делот на процентуалната застапеност при дооформување на градежните парцелите, утврдено со Законот за градежно земјиште. Присутните дискутираа и за нагласените предизвици во справувањето на општините со бездомните кучиња, како и други тековни состојби.
На самиот почеток на седницата, членовите на Управниот одбор на ЗЕЛС, се договорија навремено да го информираат Заедничкиот консултативен комитет меѓу нашата земја и Комитетот на региони на Европската Унија дека делегатите на ЗЕЛС во ова тело не се можност да присуствуваат на седницата закажана за месец април. Беше предложено истата да се одложи за септември, кога нашата делегација ќе биде во можност да присуствува во полн состав и да даде активен придонес.
Иницијатива за пролонгирање на рокот утврден во преодната одредба од Законот за урбанистичко планирање
За да се избегне огромната финансиска штета што ќе ја претрпат голем број општини што не успеале во рокот утврден во преодните одредби од Законот за урбанистичко планирање (член 93, став 1) комплетно да ги завршат постапките за донесување на започнатите урбанистички планови, беше предложено да се преземат соодветни чекори пред надлежните органи за продолжување на овој рок. Присутните беа информирани дека ЗЕЛС има поднесено барање до Собранието на РСМ да преземе активности заради итно изменување на Законот за урбанистичко планирање. Поконкретно, со иницијативата се бара утврдениот рок од четири години, да се продолжи на осум години. Причината е што донесувањето на урбанистички планови во многу општини се во завршна фаза, па доколку навремено не успеат да го заокружат целиот процес обврзани се да започнат комплетно нова постапка за донесување на истите планови. Тоа значи повторно обезбедување на соодветна документација, свикување на јавни расправи, преписки со надлежните установи инволвирани во целиот процес, што значи повторно трошење на финансиски средства, но исто така и забавување на економскиот и секаков друг развој за подрачјата за кои се повторува урбанизирањето. Беше изнесено дека од страна на одредена пратеничка група во Собранието се поднесени енормен број амандмани, што доведува до одредено блокирање на можноста за навремено интервенирање од Собранието на РСМ. Затоа беше предложено дополнително да се известат сите пратенички групи во Собранието, потоа Министерството за транспорт и врски, па дури и Уставниот суд за да го суспендира натамошно спроведување на оваа одредба, се до формирање на нова Влада и пристапување кон потребните законски измени. Управниот одбор донесе заклучок за ова прашање да се формира и работно тело, во кое ќе се ангажираат експерти, претставници од општинска администрација и членови од Управниот одбор за изнаоѓање на прифатливо решение за натамошно постапување на општините.
Дискусија околу иницијативата за измени во Законот за градежно земјиште, во делот на одредбите за дооформување на градежните парцели
Присутните беа информирани дека Министерството за транспорт и врски доставило прашалник до некои општини да се произнесат за целисходноста на поднесената иницијатива од страна на ЗЕЛС, за изменување и дополнување на Законот за градежно земјиште, во делот со кој се уредува постапката на отуѓување на градежно земјиште со непосредна спогодба заради дооформување на градежна парцела, што е донесена на деветтата седница на Управниот одбор на ЗЕЛС, одржана на 28 август 2022 година. Во иницијативата на ЗЕЛС се предлага, барателот за дооформување на парцелата да има во своја сопственост најмалку 70% од градежната парцела,наместо актуелно утврдени 30% . Присутните членови на УО посочија дека по ова прашање треба добро да се размисли за последиците што може да ги предизвика одредена промена, да се разгледаат сите можни аспекти, вклучително избегнувањето на негативностите што се јавуваат во урбаните средини, но и на можноста да се попречи економскиот развој. Беа наведени одредени размислувања во насока секој Совет на општината да го утврдува овој процент, во согласност со урбанистичките приоритети и заложби на општината, но беше нагласена и потребата за утврдување со законска одредба каде ќе се разграничи процентот според видот на градбата предвиден со урбанистичкиот план. Управниот одбор заклучи да се формира работна група која ќе донесе одредени насоки, што потоа ќе ги разгледа Управниот одбор, а заклучоците ќе бидат доставени на сите општини. Беше предложено, исто така да се прошират активностите на оваа работна група и со разгледување на можностите за усогласување на старите и нови правилници за градба, чија примена предизвикува голем револт кај населението и инвеститорите, бидејќи општините се соочуваат со ситуации кога на иста улица од едната страна се применува стариот правилник со кој се ограничуваат градбите со утврден број на станбени единици, а на другата страна од улицата важи новиот правилник кој нема такви ограничувања.
Ревизорскиот извештај за состојбите во ЈПДП покажа неправилности на штета на општините
Членовите на Управниот одбор на ЗЕЛС беа информирани и за Извештајот на Државниот завод за ревизија за состојбите во Јавното претпријатие за државни патишта. (ЈПДП). Со извршен увид во деловните книги на ова претпријатие е констатирано дека не постапувало согласно законските одредби при распределба на остварените приходи од патна такса, за општините. Имено, посочено е дека за периодот од 2016 до 2022 година, секоја година се распределувале по 300.000 илјади денари фиксно по општина, што е помалку од законски определениот износ. Поточно со член 60, став 4 од Законот за јавни патишта уредено е дека 50% од уплатените средства на сметка на ЈП по основ на надоместок на патна такса од регистрација на моторни возила се приходи на ЈП за државни патишта, а 50% треба да се распределат на општините, односно Град Скопје, кои се наменети за изградба реконструкција одржување и заштита на општински патишта и улици. Присутните заклучија дека ЗЕЛС треба да достави писмено барање до ЈПДП во кое ќе бара во определен рок да се изврши порамнување на недоспеаните средства до општините. Исто така да ја информира Владата на РСМ, Министерството за транспорти врски и други надлежни институции и доколку не се постапи соодветно на барањето, општините ќе поднесат тужби до ова јавно претпријатие. Дополнително Управниот одбор би утврдувал дали сите единици на локална самоуправа заедно, преку ЗЕЛС ќе достават тужба или секоја општина тоа ќе го стори поединечно.
Информацискиот систем за продажба на движни и недвижни ствари со кој управува ЗЕЛС може да го користат исклучиво општините
Во точката разно Управниот одбор на ЗЕЛС дискутираше и за барањето на ЈП Водовод и канализација –Скопје во кое се бара од ЗЕЛС да создаде услови за спроведување на постапка за продажба на нивни основни средства –моторни возила и отпаден материјал со електронско јавно надавање преку електронскиот систем на ЗЕЛС. Всушност во согласност со одредбите од Законот за користење и располагање со ствари во државна сопственост и со ствари во општинска сопственост, продажбата се врши исклучиво по електронски пат а ЗЕЛС управува со информацискиот систем преку кој општините ги спроведуваат овие постапки . Беше нагласено дека ЗЕЛС уште во март 2019 година го известила претпријатието дека ЗЕЛС нема капацитет ниту обврска оваа софтверска апликација да ја овозможи да ја употребуваат јавните установи и други субјекти основани од страна на единиците на локалната самоуправа. Доколку се дозволи такво нешто би се оптоварил системот и може да се доведе во прашање неговата функционалност, па затоа сите претпријатија основани од единиците на локална самоуправа оваа постапка треба да ја спроведуваат преку единицата на локална самоуправа што ги основала.
Потребано е итно донесување на национална стратегија за справување со бездомните кучиња
Присутните иницираа дискусија и за состојбите во општините со кучињата бездомници, каде се дискутираше за предизвиците со кои се соочуваат општините во Град Скопје поврзани и со финансирањето на Јавно претпријатие за третман на улични кучиња- Лајка. Присутните нагласија дека општините се соочуваат со големи финансиски трошоци по овој основ, а ефектите се незначителни. Беше нагласено дека решавањето на ова прашање треба да се издигне на национално ниво и дека е потребно донесување на соодветна стратегија за справување со уличните кучиња. Во утврдувањето на решенијата за итно апсолвирање на овој предизвик во период од 3 до пет години да се вклучат соодветни експерти и претставници од локалната власт како и граѓанските организации, бидејќи сега општините залудно трошат големи финансиски и ресурси без никакви резултати на теренот.
Општините неправедно лишени од дополнителни финансиски средства поради нивно изоставување во распределба на концесиите од фотоволтаичните централи
Беше покренато и прашањето за лошата финансиска состојба во општините, особено на помалите, кои се почесто се соочуваат со катастрофални последици од одредени одлуки донесени од централната власт, со кои им се скратуваат голем број на можности за дополнителни финансиски приливи. Беше посочено дека во источниот дел од земјата во полн интензитет е изградба на фотоволтаични централи од кои општините не добиваат ниту денар, а залудно се ,,експлоатира“ обработливо земјиште, Беше предложено да се упати иницијатива до Владата на РСМ општините по овој основ да добиваат концесија од земјиштето, но и по 2% од произведена електрична енергија, по примерот со хидроцентралите. Исто така, беше посочено да се бара општините да добиваат концесии од сеча на шумите што се наоѓаат на нивното подрачје, особено што при тоа општините трпат големи штети поради руинираните локалните патишта за чие одржување се надлежни. Со цел подобрување на финансиската состојба на помалите беше иницирано да се изнајдат и утврдат и други можности за воведување на концесии во полза на општините. За таа цел беше предложено да се формира Комисија од членови на УО, која треба да подготви анализа и соодветни иницијативи што ќе бидат разгледани на следната седница на Управниот одбор.
Управниот одбор го утврди и составот на Комисијата која треба да утврди на кои општини ќе им бидат подарени двете возила што се во сопственост на ЗЕЛС . При тоа беа утврдени и неколку критериуми по кои треба да одлучуваат членовите во Комисијата, меѓу кои да ги исклучат поголемите општини и сите општини од Скопскиот регион; да се задржат на руралните општини што имаат максимум 10.000 жители; истите да не располагаат со голем возен парк и да имаат платено членарина кон ЗЕЛС. Предлозите ќе бидат разгледани на следната седница на УО.
На седницата беше усвоен Меморандумот за соработка на Здружението на граѓани за личен развој, едукација и психолошка помош и поддршка –„Гласот од тишината“- Скопје, со ЗЕЛС. Целта е да се подигне општествената свест кон децата со потешкотии во развој, создавање на вистинска инклузивност, едукација на наставниците и стручни лица од оваа област и опфаќање на булингот, негово препознавање и постапувањето во такви ситуации. Истиот ќе биде доставен до сите општини.