Излезе од печат новиот број на Гласило на ЗЕЛС

Во периодот јануари- февруари оваа година ЗЕЛС реализираше повеќе активности за кои  подетално може да прочитате во овој број на Гласило.  Управниот одбор на ЗЕЛС, во  февруари ја одржа дваесеттата седница во просториите на Општина Кисела Вода. Присутните дискутираа за повеќе актуелни предизвици, а фокусот беше ставен на членот 93, став 1 од преодните одредби од Законот за урбанистичко планирање, со кој истекува рокот од 4 години за довршување на започнатите детални урбанистички планови. Тоа значи дека голем број општини се обврзани да започнат комплетно нови постапки за недовршените ДУП-ови, а со тоа и нови финансиски средства и нов временски период за урбанизирање на одредени подрачја од општините. Дискусија се водеше и околу прашалникот, доставен од Министерството за транспорт и врски, за поодамнешната иницијатива на ЗЕЛС за  измени во Законот за градежно земјиште, во однос на одредбите за дооформување на градежните парцели. Присутните ги разгледаа и наодите од Извештајот на Државниот завод за ревизија за состојбите во Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), каде што  е посочено дека не е почитуван Законот за јавни патишта во делот за префрлање на 50 % од уплатените средства на сметката на ЈП по основ на надоместок на патна такса од регистрацијата на моторните возила, како приходи на единиците на локалната самоуправа. Се дискутираше и за барањето до ЗЕЛС од ЈП Водовод и канализација – Скопје за користење на информацискиот систем за продажба на движни и недвижни ствари со кој управува ЗЕЛС. Беше заклучено сите претпријатија основани од единиците на локалната самоуправа оваа постапка да ја спроведуваат преку единицата на локалната самоуправа што ги основала. Стана збор и за потребата од итно креирање на национална стратегија за справување со бездомните кучиња, а се дискутираше и за неправедното лишување на општините од дополнителни финансиски средства од разни  концесии дадени на нивна територија.

Општините што се заинтересирани да интегрираат индикатори за родова еднаквост во своите годишни програми, имаат можност да добијат директна менторска поддршка од ЗЕЛС и да се пријават на поканата што ЗЕЛС ја достави до сите општини. Претставници од ЗЕЛС учествуваа на работилница за планирање на активности во рамките на проектот „Одржливо управување со отпад на локално ниво“, што го спроведува Шведската асоцијација на локални власти (САЛАР), а ЗЕЛС е партнер- организација. Активно учество имаше претставникот од ЗЕЛС и на  работилницата за  креирање на националните политики и стратегии за дигитална трансформација на јавните водоводни услуги во РСМ, со посебен осврт на местото, улогата и обврските на давателите на водни услуги, а тоа се јавните комунални претпријатија (ЈКП). Со цел јакнење на капацитетите на општинската администрација, ЗЕЛС организираше работилница на тема „Улогата на локалната самоуправа во унапредување на правата на лицата со попреченост“ на која учествуваа претставници од општините, а кои работат во областа на социјалната заштита и образованието.