Општина Новаци домаќин на работната средба на претставниците од општините од Пелагонискиот и од Југозападниот регион, посветена на активностите за управување со отпадот

Во просториите на Општина Новаци, на 2 април, 2024 година, во рамките на проектот „Оддржливо управување со отпадот на локално ниво“ беше одржана  работна средба на темата „Оддржливи општински услуги во секторот отпад – Предизвици и патот напред“. На настанот беа презентирани резултатите од спроведените анализи, плановите за развој и креирањето на форум за соработка помеѓу општините во Пелагонискиот и во Југозападниот регион, каде се вклучени шест пилот –општини: Битола, Прилеп, Новаци, Охрид, Кичево и Пласница.

Пред присутните се обрати градоначалникот- домаќин на настанот Стевче Стевановски - градоначалник на Општина Новаци; извршната директорка на ЗЕЛС Душица Перишиќ; раководителот за развојна соработка при Амбасадата на Шведска во нашата земја, Микаел Атерхог и Пеле Халберг, меѓународен експерт од САЛАР Интернационал.  Меѓу останатите постигнати резултати од реализација на Проектот беа нагласени и усвоените локални акциски планови за управување со отпад во 14 општини како и извршената проценка на капацитетите на општините да испорачаат интегрирани и инклузивни комунални услуги. Беа презентирани конкретни мерки за подобрување во општинските администрации, инфраструктурата, финансиската стабилност и подигнување на јавната свест за одржливо управување со отпадот, а беа споделени и резултатите од извршената анализа на ризиците од пожари на депониите и мерки за нивна превенција.  Особен интерес предизвикаа  споделените практични примери од Шведска, за подобро управување со отпадот преку меѓу-општинска соработка и зголемување на ефикасноста низ заедничко користење на достапните ресурси.

Присутните претставници од општини од двата плански региона развија сериозна дискусија околу реализацијата на изградбата на стандардизираната депонија и воспоставувањето на соодветен систем на  управување со отпад, при што посочија и на бројни предизвици со кои се соочуваат. Беше нагласено дека овие активностите се речиси во почетна фаза и дека е потребно да се реализираат низа консултации меѓу општините, но и во соработка со централната власт, особено со Министерството за животна средина. Присутните нагласија дека е потребно да се редефинираат одредени позиции на локациите предвидени за претоварните станици за отпадот, но и да се обезбеди соодветен пат до локацијата предвидена за изградба на стандардизирана депонија.

Проектот е инициран од Шведската асоцијација на локални власти (САЛАР), имплементиран од SALAR International, а финансиран преку СИДА. ЗЕЛС се вклучи во спроведување на овој проект во нашата земја заедно со Министерството за животна средина и просторно планирање, со министерството за локална самоуправа.