Застапување и лобирање за децентрализирање на Центрите за социјална работа меѓу поважните приоритети на ЗЕЛС

Предлог концептот за застапување и лобирање на ЗЕЛС за продолжување на процесот на децентрализација во областа на социјалните политики и социјални услуги со фокус на децентрализација на Центрите за социјална работа што е една од водечките активности во рамките на регионалниот проект “Регионална соработка за подобра социјална инклузија на локално ниво“  беше презентиран од страна на проектната координаторка за време на тридневната работилница во Нови Сад, Србија. За време на работилницата на која учествуваа проектните координатори и членови на Работната група за социјална инклузија и миграција на НАЛАС главната цел беше ставен на претставување на концептите за лобирање и застапување на кои работеа Асоцијациите вклучени во овој проект во изминативе 2 месеци, во кој период беа развиени 12 посебни документи кои треба да се систематизираат во еден посебен документ-концепт за застапување за приоритетната цел избрана од Асоцијацијата. 

Процесот на децентрализација кај нас е застанат, а конкретно во областа социјална заштита  ЗЕЛС реши да продолжи со овој процес на пренесување на надлежности од централно на локално ниво со конкретни активности кои треба да овозможат пренесување на надлежностите на работа на Центрите за социјална работа од централно на локално ниво. Целта на овој приоритет е обврските и надлежностите кои ги имаат 30-те Центри за социјална работа во земјата да бидат управувани и фискално пренесени на локалните самоуправи кои се поблиску до граѓаните и кои ќе работата на воведување и на нови социјални услуги за потребите на ранливите групи во општините. За време на работилницата претставничката од ЗЕЛС пред колегите од другите земји ја претстави рамката за застапување на ЗЕЛС за овој приоритет вклучително и сетот на активности кои ќе бидат преземени од јуни 2024 до мај 2025 година. Целта е да се влијае на промена на размислувањата на централните институции за потребата од децентрализирање на Центрите за социјална работа, како и зголемување на свеста кај истите дека во општините има квалитетни и професионални административни службеници кои може да управуваат со оваа надлежност која треба да биде фискално децентрализирана. За тоа да се постигне ЗЕЛС ќе треба со тимот за застапување да работи на презентирање на наодите од Анализа на состојбата со процесот на децентрализација во областа на социјалната заштита во земјата пред централните институции. Исто така со експертска поддршка покрај анализата ќе се спроведе и компаративна студија за состојбата со Центрите за социјална работа во земјите од регионот и врз основа на тоа давање на препораки за децентрализирање на надлежностите кај нас. Овие активности ќе бидат спроведени паралелно во период јуни-декември 2024 година. После тоа ЗЕЛС преку состаноци, пленарни настани и други комуникациски форми треба да ја „убеди“ централната власт за овој приоритет. 

Целиот овој патоказ за застапување и лобирање беше претставен на работилницата, а беа добиени и корисни повратни информации од учесниците за потребата од дополнување на „партнерите за лобирање“ на ЗЕЛС со меѓународни и невладини организации кои работат во областа, како и подобро дефинирање на комуникациските канали и дополнување со ПР активности. На последниот ден од работилницата во пленарна сесија беа претставени состојбите во земјите од регионот во однос на поставеноста, структурата и надлежностите на Центрите за социјални работи, од кои може да се заклучи дека Република Србија има голем напредок во оваа област и дека иако не е целосно децентрализирана социјалната работа на локално ниво сепак има доста сервиси кои се покриваат од локално ниво. Исто така и во Р. Хрватска, ЦСР се локално поставени, во Република Српска е дел децентрализирано, но пак фискално зависно од централните и кантонските структури, а подобра поставеност на ЦСР има и во Република Бугарија. Сите овие повратни информации ќе помогнат на тимот за застапување на ЗЕЛС при позиционирањето и преговорите со централните власти по завршување на парламентарните избори закажани за мај, годинава. Ова е еден и од ризиците за кои е свесен ЗЕЛС дека евентуалната промена на политичката слика ќе има влијание и на промените во структурите во централните институции, а со тоа и пролонгирање на остварување на целта на ЗЕЛС за иницирање на децентрализација на ЦСР до средина на следната 2025 година.

Проектот “Регионална соработка за подобра социјална инклузија на локално ниво“ е финансиран од Германското министерство за економска соработка и развој, а спроведуван од Мрежата на асоцијации на Југоисточна Европа- НАЛАС и ГИЗ во кој е вклучена нашата земја преку ЗЕЛС