Звонко Пекевски, градоначалникот на Општина Берово добитник на наградата „Најпријателски градоначалник на Ромите за 2024 година“

Градоначалникот на Општина Берово, Звонко Пекевски е добитник на Наградата „Најпријателски градоначалник на Ромите за 2024 година“. Врачувањето на наградите се случи на 9 април, 2024 година во Брисел, по повод "Неделата на Ромите“ (од 9 до 11 април, 2024 година), на четвртото издание на церемонијата за доделување на оваа награда. Церемонијата беше организирана од страна на "Roma Active Albania" и граѓанското општество, со финансиска поддршка од Европската унија во рамки на регионалниот инструмент за Претпристапна помош, насловен "Моќта на жените Ромки во промена на Западен Балкан и Турција". Домаќини беа ЕЕСК, Комитетот на регионите (КоР) и Европскиот парламент.

Заедно со градоначалникот Пекевски, награди добија и по еден градоначалник од земјите од Западен Балкан и Турција. Всушност општините од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Црна Гора, Србија и Турција имаа можност да се пријават на конкурсот и да аплицираат за добивање на оваа награда. Со завршување на петгодишниот проект, вкупно биле доделени милион евра за општините во овие седум земји, каде локалните власти и институциите дејствувале и се залагале за поголема социјална инклузија на Ромите. Проектот е во согласност со Декларацијата од Познан за интеграција на Ромите, од јули 2019 година, каде се определени одредени цели во делот на едукација, вработување, домување,  граѓанска документација, како и вклученост на Ромите во дигитална и зелена агенда, до моментот на пристапување на земјите во ЕУ. Наградите на годинешните добитници им беа врачени од страна на Валентина Суперти, директор за Западен Балкан  во Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување (DG NEAR). 

На настанот беа презентирани позитивните примери за вклучување на Ромите, истакнувајќи ја филозофијата на зајакнување, мобилизација и еднаков дијалог помеѓу локалните власти и ромските заедници, каде што општините и ромската заедница можат да се здружат и да се вклучат во дијалог на еднакво ниво.

Градоначалникот Пекевски ја доби оваа награда за неговиот особен придонес за инклузија на ромската заедница во целокупниот општествен живот  во локалната самоуправа. Впрочем тој и на средбата што ја имаше со претставниците од ромската заедница, на „8 Април“-светскиот ден на Ромите кога им го честиташе празникот нагласи дека Општина Берово во согласност со европската идеја ,,обединети во различностите“ и понатаму продолжува во надминување на предизвиците и во залагањата за остварување на приоритетите на Ромската заедница.