Генералниот секретар на Конгресот за локални и регионални власти на Советот на Европа, Метју Мори имаше специјална средба со претставниците од локалната власт од земјите од Југоисточна Европа

 

Во Стразбур (Франција) во периодот од 26 до 29 март, 2024 година, Мрежата на асоцијации на локални самоуправи од земјите од Југоисточна Европа (НАЛАС) одржа повеќе состаноци на кои активно учествуваше и извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ. Овие активности беа реализирани во истиот период кога се одржуваше седница на Конгресот на  локални и регионални власти на Советот на Европа на која се дискутираше за изнаоѓање на соодветни решенија за предизвиците со кои се соочуваат локалните самоуправи и за можностите за соработка за обезбедување на квалитетни услуги за граѓаните, инклузивност, одржливост и развој на инфраструктурата.

Од особено значење е што генералниот секретар на Конгресот за локални и регионални власти на Советот на Европа, Метју Мори имаше специјална средба со претставниците од локалната власт од земјите од Југоисточна Европа. Тој сакаше да слушне за предизвиците со кои се соочуваат регионите, градовите и општините од овие земји и да се заложи за нивно решавање и надминување, со поголемо вклучување и поддршка од страна на Советот на Европа. Во разговорот како приоритет беше посочена можноста за обезбедување на поголем притисок од страна на Советот на Европа врз централните власти од овој регион за обезбедување на поголем степен на финансиска и на функционална децентрализација на власта , а во согласност со Европската повелба за локалната самоуправа и притисок за обезбедување на соодветно финансирање за секоја префрлена надлежност на локално ниво. Генералниот секретар даде ветување за сериозен пристап во разгледувањето на посочените теми и обезбедувањето на најсоодветен начин за соодветно влијание.

Извршната директорка на НАЛАГ, асоцијацијата на локални власти на Грузија побара поддршка од поискусните колеги од асоцијациите на локални самоуправи за пренесување на нивните искуства при воспоставувањето на механизмите на успешно работење на една асоцијација. Беа изнесени бројни примери во утврдувањето на приоритетите на асоцијацијата за поддршка на своите членки, особено во делот на лобирањето и застапувањето на општините пред централната власт, но беше изнесена палета на бројни  можности за воспоставување на бесплатни услуги за општините. Беше истакнато дека од голема важност е и воспоставувањето на соодветна одлучувачка структура на органи и тела на асоцијацијата и механизми за работа со општинската администрација и општинските совети.

Дел од средбите беа посветени и на разрешување на одредени технички прашања од работењето на НАЛАС, при што на состанокот на Комитетот на офицерите за врски, каде членуваат сите директори на асоцијациите на локални власти од земјите од Југоисточна Европа се дискутираше и за финансиските извештаи за работата на НАЛАС за претходната година, а беа разгледани и предлог буџетот и  акцискиот план за 2024 година.