Мултидисциплинарен пристап како одговор во борбата против дезинформации и дигитално родово- базирано насилство на локално ниво
Како да ги препознаеме дезинформациите, како и дали може да ги спречиме, преку кои канали најмногу се шират, дали и како може да се заштитиме и како тие влијаат на нас како претставници од локалните самоуправи, но и приватно... Ова беа дел од прашањата кои се дискутираа и елаборираа од страна на Марина Тунева, експертка за медиуми и комуникации за време на работилницата која се организираше за членовите на тематските работни групи за родова еднаквост, односи меѓу заедниците и млади и младински политики на локално ниво на 17.04.2024 година во х. Александра Палас, Скопје во рамките на проектот „Зајакнување на општинските совети- Фаза 2“ во организација на Програмата за развој на Обединетите нации -УНДП и во партнерство со ЗЕЛС. Поддршка во организацијата имаа и од проектот „Млади за инклузија, еднаквост и доверба“, кој се имплементиран од страна на УНДП, исто така. На работилницата беа поканети и учествуваа членовите на трите тематски работни групи кои се формирани во рамките на проектот „Зајакнување на општински совети-фаза 2“, како и координаторите/ките за еднакви можности од сите 30 партнерски општини од проектот. На првата сесија која се однесуваше на говорот на омраза и ширењето на дезинформации и родово базирани дезинформации во дигиталниот свет експертката Тунева се фокусираше на презентирање и пренесување на искуства во однос на механизмите и матриците зад ширењето на говорот на омраза и родово базираните дезинформации на социјалните мрежи, како и разгледување на ефективни стратегии за превенција и заштита. Низ интерактивната сесија се потенцираше значењето на мултидисциплинарниот пристап и ангажман на сите чинители во создавањето на поинклузивен и безбеден дигитален простор за сите.
Неда Чаловска, експертка за родова еднаквост и дискриминација во втората сесија се фокусираше на тоа што е дигитално родово-базирано насилство и какви механизми за заштита постојат, односно како тоа влијае на жените и младите во општеството. Таа зборуваше за тоа што подразбира поимот дигитално насилство, кои групи најчесто се засегнати и како се утврдува родовиот аспект на дигиталното наследство. Фокус беше ставен на тоа со кои негативни последици се соочуваат жртвите на дигиталното насилство и кои правни регулативи и други механизми се на располагање за пријавување и заштита од ова многу често насилство од кое најзасегнати се жените и младите. Жените во политиката се многу честа жртва на дигитално насилство особено во време на избори, но не е исклучено и во текот на политичкиот ангажман. Чаловска презентираше и некои истражувања за состојбата со дигиталното насилство на национално и глобално ниво, а кај учесниците поттикна дискусија за препознавање на дигиталното насилство, креирање на мерки кои подразбираат мултидисциплинарен пристап со цел спротивставување на овој општествен негативен феномен.
Учесниците работеа во групи на овие две теми, а на крај по еден претставник од групите ги изнесени согледувањата на општините на овој проблем во заедницата, а кои ги забележуваат кај младите во училиште и после училиште преку врсничко насилство, понатаму кај жените политичарки на локално ниво, бројните нерегулирани социјални медиуми( како подкасти) каде и најчесто се шири говорот на омраза, но и други социјални мрежи преку кои со голема брзина се пренесуваат лажните вести. Тие се согласија дека е неопходна заедничка работа и креирање на мерки и социјални услуги со поддршка на граѓански и меѓународни организации и организирање на тематски работилници со стручни лица од областа со различни фокус групи. Претставниците од советите и општините беа информирани и за истражување на УНДП за состојбата со дезинформации кај нас и медиумскиот интегритет, како и за содржините на новата дигитална платформа „Јасно.мк“ на Здружението на новинари на Македонија-ЗНМ и Програмата за развој на Обединетите нации-УНДП. Целта на оваа платформа е да им понуди ресурси на граѓаните и новинарите со кои ќе ги препознаат дезинформации, особено во областа на родовите дезинформации. Оваа платформа треба да придонесе во процесот на кревање на свеста и зајакнување на капацитетите на локалните заедници кои на овој начин би биле повеќе подготвени да препознаат дезинформации и да се борат со оваа појава, посебно во делот на родово базирани дезинформации.