Претставници од ЗЕЛС учествуваа на свеченото одбележување на 20 години од основањето на НАЛАС

„Унапредување на локалната и регионалната соработка“ е мотото со кое беше обележана дваесетгодишнината од основањето на Мрежата на асоцијации на локални власти на земјите од Југоисточна Европа (НАЛАС). НАЛАС е посветена на  поттикнување ефективно локално управување и оддржлив развој во земјите од  Југоисточна Европа, обединувајќи 13 здруженија на локални власти и околу 9000 единци на локална самоуправа, кои опфаќаат повеќе од 80 милион граѓани од овој регион.  ЗЕЛС е  една од асоцијациите, основачи на Мрежата и е нејзин активен член. По тој повод, двајца претставници од ЗЕЛС учествуваа на овој настан што беше организиран на 18 април, 2024 година во Бар, Црна Гора,  кога се одржа и 19 седница на НАЛАС.

На свечената седница се обрати Бернд Ворингер, потпретседател на Конгресот на локални и регионални власти при Советот на Европа кој посочи дека потврда за посветеноста на Европската Унија на заложбата за унапредување на улогата на локалните и регионалните власти е и одбележувањето на овогодишниот јубилеј од 30 години постоење на Конгресот и 75 години постоење на Советот на Европа. Дваесетгодишнината на НАЛАС  пак ја покажува истрајноста и континуитетот што Мрежата ја покажува сиот овој изминат период во посветеноста и влијанието во регионот за унапредување на локалната власт во земјите од Југоисточна Европа. 

Присутните делегати и гости ги поздрави и претседателот на НАЛАС, Ергун Туран, градоначалник на Општина Фатих, (Турција) како и Мараш Дукај, министер за јавна администрација на Црна Гора. Тие нагласија дека заедничкиот настап на локалните власти од регионот, во изнаоѓање на решенија за бројните предизвици со кои се соочуваат е пример за успешност, при што ја истакнаа и важноста на меѓусебното споделување на добрите примери, како начин на подобрување на квалитетот на услугите за сите граѓани во регионот. Вклучувањето на локалните власти, општините, регионите, асоцијациите, во процесот на интеграција на овие земји во ЕУ е исто така од големо значење за стратешки дијалог и за подобрување на демократијата на локално ниво. Пред присутните се обрати и првиот претседател на НАЛАС –  Тарзан Милошевиќ, некогашен градоначалник на општина во Црна Гора, кој потсети на периодот на воспоставувањето на НАЛАС, креирањето на неговата  структура, утврдувањето  на мисијата и целите, што се покажаа како успешна основа за развој на Мрежата.

Во рамките на 19 седница на НАЛАС беше избрано ново претседателство со мандат 2024-2025 година, кое се утврдува по пат на ротирање, според азбучен ред на асоцијациите, членки на НАЛАС . За нов претседател беше избран Душан Раичевиќ, градоначалник на Бар, додека за потпретседатели беа избрани градоначалниците на градовите Ријека, Вулцана Баи и Урошевац. На седницата беа усвоени и  значајни документи од работењето на Мрежата, а беше поддржано и основање на Канцеларија во рамките на НАЛАС, како единствен центар за Пактот на градоначалниците за Југоисточна Европа за енергија и клима.