Честит роденден на ЗЕЛС - 52 години од основањето!

 

Заедницата на единиците на локалната самоуправа - ЗЕЛС денес ја одбележува 52 годишнината од основањето. Во Статутот на ЗЕЛС „26 Април“ е утврден како „Ден на ЗЕЛС и Ден на општините“.

По тој повод, претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски им го честита овој празник на општините и им порача : -„ Силата на ЗЕЛС е во единството на нејзините членки кои секогаш донесуваат одлуки со консензус, како и во нејзината способноста секогаш да доставува аргументирани барања и готови предлог –решенија до централната власт, со што стана нејзин конструктивен партнер при водење на дијалогот“. Тој во честитката нагласи дека претстои ново поглавје во процесот на испишување на историјата на ЗЕЛС  и на децентрализацијата на власта во земјата. – „ЗЕЛС  и понатаму ќе биде  цврста, единствена и истрајна во остварувањето на своите цели, во насока на обезбедување на значајни промени, што дефинитивно треба да се случат во локалната власт во следниот период. Пред се тоа се: продлабочување на процесот на децентрализацијата и обезбедување на финансиска стабилност на единиците на локалната самоуправа“, нагласи Ѓорѓиевски. Тој упати честитки до општинските советници, до општинската администрација и до градоначалниците нагласувајќи дека овој ден, секогаш треба да биде потсетник за што поголеми залагања за квалитетно реализирање на нивните обврски, за транспарентно работење и целосна посветеност  исклучиво за потребите на граѓаните.

ЗЕЛС е основана на 26 април, 1972 година, кога било одржано  Основачкото собрание  на кое била конституирана тогашната Заедница на општини и градови на Македонија (ЗОГМ). Иницијативата ја започнале претседателите на собранијата на општините: Кочани, Куманово, Охрид, Тетово и Град Скопје. Претставници од 34 македонски општини ја дале својата согласност за основање, а потоа и за доброволно пристапување во Заедницата. Бил усвоен Статутот на Заедницата и биле донесени важни одлуки за начинот на нејзиното работење. За прв претседател на Заедницата бил избран тогашниот претседател на Собрание на Град Скопје, Драгољуб Ставрев. Со тоа, како што е запишано во архивските документи: „ создадена е цврста платформа за најширока соработка на општините во Македонија“. Токму затоа овој датум на основање на Заедницата ,,26 Април“ во Статутот на ЗЕЛС е утврден како „Ден на ЗЕЛС и Ден на општините“.

Честит роденден на ЗЕЛС!!!