Претседателот на ЗЕЛС се обрати на отворањето на Меѓународната конференција за зелен развој, зелена инфраструктура и зелени технологии ,,ГРЕДИТ 2024 “‘ во Скопје
- „Нашиот град, како и многу други, се соочува со предизвици кои бараат смели и иновативни решенија. Од голема важност е потребата од еколошка одржливост и борбата против ефектите од климатските промени. Затоа, кога гледаме кон иднината и управувањето со урбаните средини од приоритетно значење е дизајнирањето на стратегиски планови и примена на технологии насочени кон подобрување на екологијата и поттикнување на оддржлив раст и развој на заедницата.“ Ова го истакна претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, во своето обраќање при отворањето на петтата Меѓународната конференција за зелен развој, зелена инфраструктура и зелени технологии „ГРЕДИТ 2024“, на 16 мај, 2024 година, во Скопје. Тој нагласи дека придобивките од зелената инфраструктура немаат само еколошки ефекти, туку и економски просперитет и социјална еднаквост. – „Со инвестирање во проекти за зелена инфраструктура, создаваме работни места, ги стимулираме локалните економии и привлекуваме нови бизниси и инвестиции. Со овозможувањето на еднаков пристап до зелени јавни простори и одржливи ресурси, осигуруваме дека сите жители, без оглед на нивниот социјален статус и финансиска моќ, можат да уживаат во придобивките од креираниот град кој ќе биде поздрава средина за живот“, истакна претседателот на ЗЕЛС. При тоа Ѓорѓиевски нагласи дека за поголеми успеси од голема важност е и соработката и партнерскиот однос на локалната со централната власт, но и вклучување на целата академска јавност, бизнис заедницата, граѓанските организации и целото население.
На овој настан претседателот на ЗЕЛС оствари средба и со ректорот на УКИМ, Проф. д-р Биљана Ангелова.