Општина Центар –домаќин на 21 седница на Управниот одбор на ЗЕЛС

Дваесет и првата седница на Управниот одбор на ЗЕЛС се одржа на 31 мај, 2024 година во просториите на Општина Центар. На почетокот на седницата градоначалникот на општината, Горан Герасимовски им посака добредојде на своите колеги и изрази задоволство што придонесува за одржување на веќе воспоставената практика на ова тело, седниците да се одржуваат во различни општини, по претходна покана од градоначалникот. На седницата се дискутираше за актуелните предизвици со кои се соочуваат општините, а беа разгледани и значајни предлог- документи од работењето на ЗЕЛС.

Управниот одбор донесе одлука Генералното собрание на ЗЕЛС, највисокото тело на Заедницата да се одржи на 12 јуни, 2024 година во Скопје, во хотелот Александар Палас, со почеток во 12.00 часот. Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски најави можно присуство на оваа седница на актуелниот мандатар за составување на Влада на РСМ, Христијан Мицкоски. Ѓорѓиевски посочи дека се очекува да биде презентиран пакетот –мерки предвидени за подобрување на состојбите во локалната самоуправа, меѓу кои се и подготовките околу објавувањето на конкурс за распределба на средства од 250 милиони евра годишно, предвидени за финансирање на капитални проекти на општините. Во таа насока претседателот на ЗЕЛС ги поттикна општините да бидат што пооперативни во подготовката на потребаната документација, при што посочи дека доколку истите во целост не бидат искористени во првата бранша, можно е да се објави дополнителен  повик. Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски изрази оптимизам дека со настанатите промени во структурите на централната власт, соработката меѓу локалната власт со идната Влада ќе се издигне на потребното ниво и дека  ќе се тргне во подлабоки реформи на децентрализацијата и подобрување на финансиската стабилност на општините.

Потребен е сериозен пристап за редовно плаќање на членарината кон ЗЕЛС 

Управниот одбор ги разгледа Предлог- финансискиот и наративниот извештај на ЗЕЛС за 2023 година, даде позитивно мислење и препорака до Генералното собрание на ЗЕЛС за нивно усвојување. Извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ, ги образложи двата документа посочувајќи дека речиси целосно се реализирани предвидените активности, но и дека се спроведени и дополнителни активности што произлегле од одредени тековни состојби. Во однос на буџетот на ЗЕЛС констатирано е дека нема дефицит и дека реализацијата е од околу 90%. Поголемиот дел од расходите го опфаќаат одржувањето на електронските системи, спроведувањето на обуки за општинската администрација, спроведувањето  активности на телата и органите на ЗЕЛС, тековни трошоци за административната зграда на ЗЕЛС како и трошоци за платите на вработените. Беше нагласено дека долгот на општините кон ЗЕЛС од ненаплатена членарина изнесува околу 30 милиони денари и дека треба да се обезбеди сериозен пристап за надминување на овој предизвик со кој ЗЕЛС се соочува подолг период. И покрај достапните механизми за исплата на долгот на рати, се уште голем број општини редовно не ја исплаќаат оваа обврска.

Формирани две нови комисии при ЗЕЛС за прашања од животната средина и комунални работи и од областа на социјалната заштита

Управниот одбор на ЗЕЛС ги усвои предлозите за формирање на Комисија за животна средина и комунални дејности и Комисија за социјална заштита и социјална инклузија поради зголемениот фокус на активностите на ЗЕЛС во овие две области. Присутните ги усвоија и предлозите за членови во овие две тела, седум градоначалници во првата и десет градоначалници во втората комисија. Управниот одбор гласаше Општина Радовиш да биде домаќин на претставниците од една општина од Украина, како дел од реализација на Проектот „Нов бран на соработка“, имплементиран од Програмата U-LEAD со Европа -размена на искуства со општина од Украина. Повикот за овој проект беше доставен до сите општини, со услов општината која ќе изрази интерес да има ја има подмирено обврската за членарина кон ЗЕЛС. Проектот се однесува на воспоставување на партнерство и соработка преку учење и размена на искуства во насока на зајакнување на капацитетите на општините во Украина. 

На  седницата беа изнесени и конкретни предизвици со кои се соочуваат локалните самоуправи, а кои би биле предмет на примарна дискусија на ЗЕЛС со новата Влада на РСМ. Во таа насока беше предложено до сите општини да се испратат за дополнување Систематизираните ставови на ЗЕЛС, документ што го ревидираше Управниот одбор на последната седница одржана минатата година, а во кој веќе се детектирани конкретни барања од општините до централната власт. По дополнувањето со нови предлози од општините документот ќе се презентира на првата средба со Владата на РСМ. Беше нагласено дека од приоритетно значење е и потпишувањето на нов Меморандум за соработка на ЗЕЛС и Владата на РСМ, документ за чие потпишување ЗЕЛС чека повеќе од две години.

Вклучување на сите релевантни фактори во државата околу третманот и згрижување на кучињата скитници- став на ЗЕЛС 

Од актуелните предизвици присутните ја нагласија потребата од решавање на  состојбата со третман и згрижување на кучињата скитници. Ова прашање  неопходно е да се издигне на повисоко ниво и со вклучување на сите релевантни фактори во  државата. Потребна е сеопфатна анализа на состојбите и утврдување на конкретни ингеренции за надлежните органи, како во делот на обврските така и во делот на нивно финансирање. Засега општините се изложени на огромни трошоци околу спроведувањето на самиот третман на кучињата бездомници, потоа околу обезбедувањето на услови за нивно згрижување и дополнително на сето тоа се почесто се соочуваат со исплаќање на огромни средства  по добиени тужбени барања од граѓаните, за каснување од куче. Беше изнесено сознание дека е изработен Предлог закон за измени и дополнување на Законот за заштита и благосостојба на животните и дека е стигнат во собраниска постапка, но истиот претходно не  е доставен на мислење до ЗЕЛС. Побарано беше да се обезбеди Предлог Законот  и да се достави на изјаснување од сите општини,  по што ќе се пристапи кон изработка на иницијативи за дополнување и измени на истиот.

Реактивирани прашањата околу неисплатените средства за одржување, реконструкција и рехабилитација на локалните патишта, но и во делот кај наплатата за јавно осветлување  

Управниот одбор на минатата седница го разгледа Извештајот од спроведената ревизија во Јавното претпријатие за државни патишта каде за периодот од 2017 до 2023 година беше утврдено дека не е спроведена законски утврдената распределба на собраните средства наменети за општините за одржување, реконструкција и рехабилитација на локалните патишта. По тој повод ЗЕЛС упати прашање до сите општини дали се согласни ЗЕЛС во име на општините да ангажира адвокат за застапување за надоместување на овие неисплатени средства, но пристигнаа мал број на одговори. Поради тоа на оваа седница  повторно беше отворено ова прашање по кое Управниот одбор донесе заклучок да се побара од Државниот завод за ревизија да ги достави до ЗЕЛС сите податоци во однос на распределбата на средствата одделно по општина, за да се изврши анализа, која потоа ќе биде испратена до Владата со барање за ретроактивно надоместување на неисплатените средства. Присутните нагласија дека не се запазува и редовноста за тековните исплаќања, па веќе подолг период општините не добиле ниту денар за оваа намена.

Финансиски загуби трпат општините и кај средствата што им ги префрла ЕВН од наплатат за јавното осветлување. ЕВН во име на општините ја наплатува оваа комуналната такса, но при тоа општините не добиваат никаков извештај колкава е фактурираната,  а колкав е наплатениот износ по овој основ. Врз основа на некои сопствени истражувања што ги направиле  одредени општини утврдено е дека разликата е доста голема и е на штета на општините, а уште поголем предизвик е што ЕВН не поднесува тужби за оние корисници кои воопшто не ја плаќаат оваа комунална такса. Беше предложено да се испрати писмено барање до ЕВН да ги достави податоците поединечно за секоја општина, а потоа ЗЕЛС да организира средба со претставници од менаџментот на компанијата.