Излезе од печат новиот број на Гласило на ЗЕЛС
Во прилог е новиот број на Гласило на ЗЕЛС во кое се опфатени активностите на ЗЕЛС за периодот март ‒ мај, 2024 година. Реализирани се низа настани, но со позабавена динамика поради спроведувањето на претседателските и на парламентарните избори во државата. Во таа насока, средба одржаа високи претставници на ЗЕЛС и на Државната изборна комисија на која беше побарано од општините да им излезат во пресрет на претставниците од ДИК и да обезбедат техничка и логистичка поддршка, онаму каде што е потребно, за обезбедување непречено реализирање на изборниот процес.
Од особена важност за општините е што, во овој период, барањето на ЗЕЛС, доставено до Министерството за транспорт и врски пред речиси една година, а поврзано со прашањето за регулирање, конфискација и реупотреба на бесправно изградените објекти, доби правна основа во членот 66 од новиот Закон за управување со конфискуван имот, имотна корист, одземени предмети во кривична и прекршочна постапка, што го донесе Собранието на Република Северна Македонија на 19 март 2024 година. Со тоа, сите единици на локалната самоуправа имаат можност, по спроведувањето на одредени правни постапки, ваквите објекти да ги искористат за потребите на граѓаните наместо тие со години да ја нарушуваат естетиката на просторот или за нивно рушење општините да трошат огромни финансиски средства.
Активности поврзани со јакнење на капацитетите на општините од областа на социјалната заштита и активности за продлабочување на процесот на децентрализација во оваа област, ЗЕЛС реализираше и во овие три месеца. Исто така, за општините спроведе активности поврзани со родовата еднаквост. Во рамките на проектот „Зајакнување на општинските совети - Фаза 2“, во организација на УНДП и во партнерство со ЗЕЛС, општинските советници, членови на трите тематски работни групи: за родова еднаквост; за односи меѓу заедниците и за младински политики на локално ниво, имаа можност да дискутираат за справување со дезинформациите, говорот на омраза и дигиталното родово базирано насилство на локално ниво.
Во мај, ЗЕЛС го започна процесот на реакредитација за улогата на техничкиот секретаријат за спроведување на меѓународната програма БФЦ СЕЕ во нашата земја. Во овој период, во просториите на ЗЕЛС дојде и тричлена делегација од САЛАР Интернационал, организација основана од Шведската асоцијација на локални и регионални власти (САЛАР). Целта на посетата беше проширување на соработката меѓу двете асоцијации, поконкретно, на ЗЕЛС ѝ беше понудена можност за поддршка во зајакнувањето на работата на нејзините тела и органи, преку пренесување на добри искуства.
Позитивна вест за општините е и тоа што до 10 јуни 2024 година, во рамките на Фондот за техничка документација, тие може да конкурираат за грант до 20 000 или до 50 000 долари за изработка на техничка документација за инфраструктурни проекти за намалување на загадувањето на воздухот. За овие и за другите активности може повеќе да прочитате на страниците од овој број на Гласило на ЗЕЛС.