Преку обука и размена на знаења до нови или надградени социјални услуги по мерка на корисниците
Што преставува концептот- Услуги на грижа во заедницата, кои фази ги опфаќа процесот на воспоставување на услуги на грижа во заедницата, која е улогата на локалните власти во процес на воспоставување и испорака на услугата и кои се начините и законските можности за обезбедување на финансиска поддршка за испорака на социјални услуги беше опфатена првиот ден од дводневната обука од тренинг програмата “Воспоставување и управување со Услуги на Грижа во Заедницата“ во рамките на компонентата Кластер за учење од регионалниот проект “Регионална соработка за подобра социјална инклузија“, што го спроведува ЗЕЛС за нашите општини, а имплементиран од НАЛАС, со финансиска поддршка од ГИЗ. Во вториот ден од обуката во фокус беше концептот- Кластер за учење, што претставува и како методолошки се организира и спроведува, за поконкретно да се објасни Кластерот за учење за воспоставување на Услуги за грижа во заедницата, и секако практична работа во групи и тандеми( општина со давател на услуга) на развивање на општински концепти за воспоставување или проширување на социјални услуги.
Дводневната обука се одвиваше на 06 и 07 јуни, 2024 година во х. Парк, Скопје, а учествуваа претставници од администрација и од организација која е давател на социјална услуга од општините: Куманово, Делчево, Прилеп, Кочани, Новаци, Валандово, Тетово, Арачиново и Свети Николе, кои се пријавија на Јавниот повик на ЗЕЛС за учество во Кластерот за учење за нови социјални услуги за рехабилитација и реинтеграција. Обуката ја спроведуваше експертката Александра Георгиевска која со комбинирање на теоретски и практични искуства ги поттикнуваше учесниците на дискусија и размислување за како да креираат нови социјални услуги на грижа во заедницата.
Со настаните кои се организираат во рамките на Кластерот за учење ќе се зајакнат капацитетите на членовите ( пријавени општини и организации кои се даватели на социјални услуги)за соодветно воспоставување и управување со Услуги на Грижа во Заедницата и тоа за: зајакнување на знаењата и компетенциите за воспоставување на Услуги на Дневен Престој и Услуга на Мобилна и Теренска работа согласно националното законодавство, стекнување на знаења и вештини како димензиите на човекови права, попреченост и родова еднаквост треба да се вклучат и зајакнат во процесот на дизајнирање и спроведување на услугите на грижа и зајакнување на свеста за потребата од градење на јавни-приватни партнерства во процесот на градење на инклузивни општини и локализација на 2030 Агендата.
Експертката која има искуство во спроведување на обуки и истражувања на национално и меѓународно ниво се осврна на концептот- Услуги на грижа во заедницата од два аспекта: меѓународен и национален. Според тоа, на меѓународно ниво тие се развиени во самата заедница и претставуваат спектар на услуги кои им овозможуваат на поединци да живеат во заедница, да растат во семејна средина наспроти институција и може да опфатат основни и специјални услуги. Додека кај нас, на национално ниво услугите во заедницата опфаќаат дневни услуги, услуги за привремен престој, услуга за одмена на семејна грижа и куќа на пола пат. Овие услуги за рехабилитација и реинтеграција беа дискутирани со учесниците, а успешните приказни од регионот и кај нас( Делчево, Куманово, Кавадарци) беа споделени со учесниците кои некои ја препознале важноста од партнерство на локална самоуправа со давател на услуга и развиле социјални услуги кои се успешен пример( Општина Прилеп) и инспирација за останатите општини да креираат социјални услуги по мерка на корисниците. Искусните тандеми (општина и давател на услуга) низ дводневната обука ги споделуваа своите знаења и искуства на оваа тема со останатите учесници.
Во следниот период ќе бидат организирани уште два вакви настани во рамките на Кластерот за учење во кој ќе се концептуализираат и презентираат нови или надградени социјални услуги од општините учесници во оваа компонента за градење на капацитети, а низ целиот процес ќе бидат менторирани од експертката Георгиевска.