Претседателот на ЗЕЛС се обрати на ,,Самитот за зелена мобилност“ што се одржа во Сараево

 

Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски учествуваше на ,,Самитот за зелена мобилност“ што се одржа на 6 и 7, јуни, 2024 година, во Сараево (Босна и Херцеговина) каде преку реализацијата на бројните панели беше овозможено да се разменуваат  знаења и искуства за промовирање на одржлива мобилност, односно за имплементирање на паметни и флексибилни транспортни решенија. Станува збор за  самит на кој учествуваа високи претставници од  централната и од локалната власт од земјите од Западен Балкан, како и од европските земји и од органите и телата на Европската Унија, заедно со бројни експерти и претставници од организации кои работата во оваа област. Во рамките на Самиот се одржа и Саем на иновации за одржлива мобилност .

Претседателот на ЗЕЛС, се обрати пред присутните на вториот ден од Самитот, на таканаречениот политички ден, кога свои излагања имаа високи функционери, министри и градоначалници. Се говореше за темите за инвестирање во зелена инфраструктура- клуч за одржлива европска иднина; за одржлива урбана мобилност; од идеи до имплементација- што може да се научи од акциите за одржлива мобилност и за други теми, важни за остварување на Зелената агенда.  Посебно интерес предизвикаа пленарните сесии :  – ,, Се движиме кон мобилност со нулта емисија: научена лекција од регионите и ,, Премостување на јазот помеѓу локалните и националните власти за промовирање на одржлива мобилност“

Како претседател на Заедницата на единиците на локалната самоуправа –ЗЕЛС тој во своето излагање нагласи дека градовите и општините имаат клучна улога во реализирањето на концептот за зелена транзиција и тоа не само во доменот на транспортот, туку во целокупниот развој на локалната економија. Тоа се должи на фактот што 70% од релевантните политики и од законодавството за животна средина и зелена енергија на Европската Унија, усвоени на национално ниво, подразбираат нивна реализација на локално ниво. Но, реализацијата на ваквите  високо поставени цели за заштита на животната средина и на биодиверзитетот подразбира и вложување на огромни финансиски средства што недостасуваат во земјите од Западен Балкан. Тој нагласи дека поддршката на граѓаните за спроведување на Зелената агенда, чија цел меѓу другото е и нашиот континент до 2050 да стане  јаглеродно –неутрален е висока. Справувањето со овие прашања бара суштински промени во урбаната инфраструктура, транспортните системи и изворите на енергија, што можат да бидат доста сложени и кои бараат  обезбедување на огромни финансиски средства. Затоа, императив е градовите и регионите да бидат поддржани во забрзувањето на нивната транзиција кон еколошки и дигитално напредни урбани средини.

Ѓорѓиевски говореше и за состојбите во нашата земја, особено на локално ниво, каде посочи дека се преземаат низа активности, но тоа не се проекти што се спроведуваат подеднакво во сите општини и кои треба да  обезбедат генерално подобрување на состојбите.- ,, Неколку општини донесоа планови за урбана мобилност кои се во согласност со Новата рамка на урбана мобилност на Европската Унија. Тоа значи, предност на велосипедите и велосипедските патеки, наспроти сообраќајниците и автомобилите; предност на зеленилото наспроти бетонизацијата; примена на обновливи извори на енергија и паметни алатки за уличното осветлување; понатаму  водење грижа за енергетската ефикасност и друго. Работиме и кон подигање на јавната свест за селекција на отпадот и значењето на циркуларната економија, како и за намалување на потрошувачката и користење на помалку природни ресурси од порано. Во доменот на можностите даваме поддршка и на локалната економија во насока на нејзина полесна зелена транзиција“,  изјави претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски.

Во рамките на одржувањето на Самитот,  Ѓорѓиевски оствари и  билатерални  средби со високи претставници од централната и локалната власт на кои дискутираше за искуства  за имплементирање на успешните сообраќајни решенија можат да бидат пресликани и во нашите општини и во Град Скопје. Се сретна со заменик градоначалникот на Сараево Самир Авдиќ; со директорот на Транспортната заедница, Матеј Закоњшек; со Премиерот на кантонот Сараево, Нихад Ук, министерот за сообраќај во кантонот Сараево Аднан Штета; како и со високиот претставник за Босна и Херцеговина, германскиот дипломат Кристијан Шилинг. Дискусиите се однесуваа и за електрификација и за инвестирање во вело – инфраструктура, со што  приоритет му се дава на еколошкиот начин на транспорт,  но се говореше и за  многу други ,,зелени” и флексибилни транспортни решенија што може да се  применат и о нашите општини.