Генералното собрание на ЗЕЛС денес ќе ја одржи шестата седница
Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Република Северна Македонија -ЗЕЛС, денес на 12 јуни, 2024 година, со почеток во 12.00 часот, во хотелот „Александар Палас“, во Скопје, ќе ја одржи шестата седница на Генералното собрание на ЗЕЛС. Делегатите на ова највисоко тело на Заедницата, составено од сите градоначалници во земјава како и од општински советници, членовите на Комитетот на советите при ЗЕЛС, ќе дискутираат за актуелните предизвици со кои се соочуваат единиците на локална самоуправа, а ќе ги разгледаат и важните извештаи од работењето на Заедницата. Пред делегатите ќе се обрати претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, како и мандатарот за формирање на нова Влада, Христијан Мицкоски, кој ја прифати поканата од ЗЕЛС да ги изнесе ставовите и заложбите на идната извршна власт за обезбедување на взаемна соработка за унапредување на процесот на децентрализацијата на власта во земјата и обезбедување на подобра финансиска стабилност на општините.
Генералното собрание на ЗЕЛС е највисокото тело во Заедницата и има вкупно 90 делегати, сите, 81 градоначалник во земјава и 9 члена на Комитетот на советите при ЗЕЛС, (тело при ЗЕЛС составено од општински советници).