Подадена рака за отворен дијалог меѓу идната Влада и локалната власт

Генералното собрание на ЗЕЛС, нависокото тело на Заедницата, составено од сите 81 градоначалник и 9 претставници од општинските совети, членови на Комитетот на советите при ЗЕЛС, на 12 јуни, 2024 година, во Скопје ја одржа шестата седница. На овој настан, на покана од ЗЕЛС, присуствуваше и мандатарот за формирање на нова Влада, Христијан Мицковски  кој се обрати пред делегатите и ги изнесе ставовите и заложбите на идната извршна власт за обезбедување на взаемна соработка за унапредување на процесот на децентрализацијата на власта во земјата и  обезбедување на подобра финансиска стабилност на општините.  Тој посочи дека соработката на извршната со локалната власт ќе претставуваат важен приоритетите на идната Влада.  Говореше дека  условите за живот на населението задолжително мора да се подобруваат и не смее да се дозволи  граѓаните да немаат асфалтиран пат или канализациона мрежа, па затоа општините ќе добијат поддршка за реализирање на капитални проекти за кои граѓаните имаат потреба. При тоа Мицкоски ги охрабри општините да подготвуваат проекти бидејќи се планира по спроведувањето на ребаланс на Буџетот, некаде во втора половина на август да се објави јавен повик за  општините да аплицираат за капитални проекти. За таа намена се планираат најмалку 100 милиони евра, но доколку е возможно и повеќе. Веќе следната година, во јануари или на почеток на февруари, се планира од Буџетот да бидат обезбедени 250 милиони евра за капитални инвестиции за општините.  – „Нашата цел е за првите четири години од мандатот да  допреме до 400 илјади домаќинства и да им ги решиме основните егзистенцијални, суштински проблеми. Знам дека станува збор за амбициозна група на градоначалници, без разлика на политичката припадност, кои се спремни да дадат се од себе и во оваа и на почетокот на следната година, да обезбедат соодветни проекти, да аплицираат за средства и истите да ги реализираат, во интерес на нашите граѓани“ , изјави Мицкоски во своето обраќање.

Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, во своето редовно обраќање пред делегатите изрази благодарност за присуството на мандатарот и за најавената финансиска поддршка за општините. -„Сакам да изразам голема благодарност до претседателот на партијата која на неодамнешните парламентарни избори го доби мнозинскиот глас на народот, Христијан Мицкоски, за неговото денешно присуство и обраќање пред делегатите на ова наше највисоко тело на ЗЕЛС, Генералното собрание. Благодарам за честа што ни ја укажавте и уште како мандатар за составување на нова Влада на државата подадовте рака на локалната власт за отворен дијалог и за соработка во насока на подобрување на состојбите во општините и продлабочување на процесот на децентрализација на власта во земјава. Ова за мене значи нова надеж дека единиците на локалната самоуправа во нашата земја конечно ќе добијат соодветни услови за квалитетно спроведување на своите надлежности“. Ѓорѓиевски во своето обраќање посочи дека фокусот на ЗЕЛС и понатаму ќе биде насочен на продолжување на лобирањето за пакетот промени што се однесуваат на обезбедување поголема финансиска стабилност на локалната власт; преземање нови надлежности и промени во организациската поставеност на работењето на единиците на локалната самоуправа. Тој нагласи дека општините во нашата земја се најсиромашни, не само споредено со европските земји туку и со оние од регионот. Ако се има во предвид дека во согласност со стандардите на Европската Унија , 70% од целокупното законодавство се имплементира на локално ниво, тогаш барањата на ЗЕЛС се сосема легитимни. Зголемување на процентот на зафаќање од ДДВ на најмалку 10 % во полза на општините, а приходот од персоналниот данок, целосно да се префрли на општините или барем 50%  најмалку.  Ѓорѓиевски ја посочи и анализата на ЗЕЛС во делот на финансирањето на единиците за противпожарна заштита која покажа дека општините од сопствениот буџет одвојуваат речиси исто толку средства колку што добиваат со наменската дотација од централната влас. Тоа е грубо кршење на заложбите утврдени во Европската повелба на локална самоуправа, каде е утврдено дека за секоја префрлена надлежност на општината треба да и се префрлат и соодветни средства за нејзино спроведување. ЗЕЛС бара промени и кај распределбата на средствата за капитални инвестиции, односно тие да се сконцентрирани од едно место, а не расцепкани како досега, а одлуката  каде и за што ќе бидат наменети да се донесува во рамките на ЗЕЛС.

Во делот на децентрализацијата беа посочени областите на социјала и култура, но и за добивање на нови надлежности, како што е обезбедување на комунална полиција на општините, долгогодишно барање на ЗЕЛС за што Заедницата подготви и Предлог закон за комунална полиција и го достави до извршната власт. 

Во своето обраќање Ѓорѓиевски нагласи дека и досега за поголем дел од предизвиците ЗЕЛС има испратено до централната власт и соодветни барања со утврдени предлог –решенија. Генералните политики за дејствување се утврдени во СИСТЕМАТИЗИРАНИТЕ СТАВОВИ на ЗЕЛС –документ  кој  постојано се надградува и разгледува од страна на сите општини, а во кој се содржани сите отворени прашања за лобирање пред надлежните институции. Овој документ ќе биде испратен до новата Влада веднаш по нејзиното конституирање. Исто така, претседателот на ЗЕЛС нагласи дека очекува со новата Влада да се потпише и новиот  Меморандумот за соработка меѓу ЗЕЛС и Владата. Како што нагласи Ѓорѓиевски игнорирањето на претходната Влада, одеше дотаму што дури не најде простор за потпишување на овој значаен документ кој е само продолжување на соработката потврдена со Меморандумот од 2003 година . Ѓорѓиевски говореше и за единството во ЗЕЛС и дека тоа е најмоќната алатка на Заедницата за постигнување на напредок на локалната власт, бидејќи во органите и телата на ЗЕЛС одлуките се донесуваат во консензус,  во интерес на локалната власт, а не по партиски или лични интереси. 

На крајот од своето излагање претседателот на ЗЕЛС им поска успешна работа на  градоначалниците и на општинските советници кои по парламентарните избори во земјата ќе преминат во извршната власт или во Законодавниот дом. При тоа им порача да бидат  идните најголемите поддржувачи на барањата на ЗЕЛС.

На оваа седница, Генералното Собрание го разгледа Извештајот за реализација на Буџетот на ЗЕЛС за 2023 година, како и Наративниот извештај на спроведени активности на ЗЕЛС за 2023 година. Извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ, при образлагањето на овие два значајни документа од работењето на Заедницата посочи дека  средствата се трошат во согласност со стратегиските цели на ЗЕЛС. При тоа нагласи дека  долгот на единиците на локалната власт кон ЗЕЛС е во вкупен износ од околу 35 милиони денари. Таа сугерираше дека треба да се изнајде соодветен начин  да се стави крај на несериозниот однос од членките на ЗЕЛС кои не ја спроведуваат оваа обврска. Членарината од општините е најголемиот извор на приходи на Заедницата и тие средства се користат за обезбедување на низа бесплатни услуги што ЗЕЛС им ги дава:  за работата на органите и телата при утврдување на политики за лобирање; за  јакнење на капацитетите на општинската администрација што се реализираат преку ЗЕЛС тренинг Центарот, но и за одржувањето на системите  за електронски услуги, што ЗЕЛС го прави во име сите единици на локална самоуправа ,но и на други органи и институции. Генералното собрание на ЗЕЛС едногласно ги усвои  извештаите  за работењето на ЗЕЛС во 2023 година.