Работилница за претставници од општините за справување со говорот на омраза, дезинформациите и дигиталното насилство

Говорот на омраза, дезинформации и нивно ширење, како и родово базирано насилството во дигиталниот свет беа темите на еднодневната работилница што се одржа во ЗЕЛС тренинг центарот на 11 и 13 јуни, 2024 година.  На настанот, што  го организираше ЗЕЛС во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и проектот „Зајакнување на општинските совети-фаза2“, на 11 јуни, 2024 година беа поканети координаторите за еднакви можности, лицата за односи со јавноста (ПР) и лицата задолжени за социјални политики од општините од Скопскиот, Полошкиот, Југозападниот и Североисточниот плански регион, а на 13 јуни, 2024 година од Источниот, Југоисточниот, Вардарскиот и Пелагонискиот регион. Целта на работилницата е единиците на локалната самоуправа да ги препознаат овие актуелни појави, нивното негативно влијание кон локалната власт и да обезбедат воспоставување на меѓу- секторски и меѓу- институционален систем за развивање и имплементирање на соодветни програми за справување со истите.

Тесната поврзаност на општината со заедницата дава солидна основа за активности за спречување на дезинформациите 

Ангажираните експертки посочија дека дезинформациите или погрешните или неточните информации со новите технологии е овозможено да се шират многу брзо, лесно и едноставно, а особено добра подлога за тоа се социјалните медиуми.   Негативното влијание на дезинформациите  врз локалната власт се рефлектира со  губење на довербата на населението; погрешно толкување на локалните политики и иницијативи што може да резултира со јавен отпор или неусогласеност при нивно спроведување. Исто така, насочени се да предизвикаат  влошување во  поделбите во заедницата, а може да придонесат и за јакнење на  стереотипите и предрасудите. Затоа беше посочено дека општините имаат и значајна улогата во спречување на дезинформациите поради нивната тесна поврзаност со заедницата. Можат да креираат пораки кои се специјално приспособени на културниот, демографскиот и со-цио економскиот контекст и постојано да обезбедуваат веродостојни информации. Исто така, општините можат да ,,одговорат“ со редовна, јасна и транспарентна комуникација со граѓаните преку одржување на форуми, со соопштенија до медиумите и со употреба на официјални канали на социјалните медиуми. Преку организирање на работилници и училишни програми може да обезбедат едукација на јавноста за изворите на вакви информации и како тие критички да ги проценуваат вестите, а во соработка со медиумите да обезбедат точно и избалансирано известување, помалку подложно на дезинформации.

Говорот на омраза предизвикува опасни последици за заедницата 

На работилницата беше нагласено дека, со намера или без намера, при информирањето може штетно да се влијае и за родовите прашања. Медиумите не секогаш критички ги испитуваат настаните и многу често создаваат сензационалистички наслови. Клучни наоди за овие состојби во нашата земја  се детектирани во сеопфатната анализа на дигиталните и социјалните медиуми за дезинформациите, вклучително и родовите дезинформации,  направена од УНДП . Утврдено е дека политичарките, повеќе од нивните машки колеги, искусуваат родово заснован говор на омраза, родово вознемирување и сексистички коментар. Говорот на омраза  го  доведува во прашање кредибилитетот на поединеци-жени и ги обесхрабрување тие да влезат во политиката или јавно да изразат мислење. Придонесува и за длабоко вкоренување на родови стереотипи и предрасуди, повикува на насилство и дискриминација, шири ставови за супериорност на една група над друга етничка група, односно предизвикува опасни последици за  заедницата 

Минимално ниво на пријавување на дигитално насилство 

Според резултатите од истражување на УНДП спроведено со Онлајн прашалник за собирање на податоци за искуства со дигитално насилство и третман од страна на државните институции, поставен на Фејсбук и Инстаграм од одговорите на 311 лица, 186 лица или 60% од испитаниците посочиле дека се соочиле со некој или повеќе видови на дигитално родово насилство, од кои 96% се жени. Како најчеста пријавена платформа каде што се случува насилството се посочени Фејсбук, со малку повеќе од 75%, а потоа следи Инстаграм со 37,3%.  Интересен е и податокот дека речиси 80% од испитаниците посочиле дека не пријавиле никаде за овој вид на насилство. Токму овој податок укажува на потребата за преземање на соодветни активности од страна на локалната самоуправа во насока на запознавање и поттикнување на жртвите од вакво насилство, истото да го пријавуваат кај соодветните органи. Во согласност со Закон за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство – единиците на локалната самоуправа креираат посебни програми, воспоставуваат или финансиски поддржуваат сервиси, спроведуваат почетна и континуирана едукација за вработените, воспоставува меѓусебна и координирана соработка на локално ниво помеѓу центрите за социјална работа, полициски станици, здравствени установи, предучилишни и образовни установи, а во рамките на општинските совети за социјална заштита се разгледуваат состојбите со родово-базирано насилство.