Мултисекторси пристап, размена на општински искуства и споделување на добри пракси за градење на безбедни локални заедници за децата
Консултативна средба на претставници од Локалните совети за превенција на детско престапништво од општини од Источен регион со членови на Државниот совет за превенција на детско престапништво беше организирана на 25 јуни, 2024 година во ЗЕЛС Тренинг Центарот, а на иницијатива на Општина Пробиштип. Таа е една од поактивните општини со спроведени активности за превенција на детско престапништво и како таква ги презентираше нивните искуства, но на оваа средба се зборуваше и за унифицирање на формуларите за програми и извештаи за работа на Локалните совети. Во таа насока, од страна на претставници на Државниот совет беа презентирани неодамна изработените предлог- Годишна Програма за работата на општинските совети за превенција на детско престапништво и предлог-Извештај за работа на општинскиот совет на превенција на детско престапништво. Покрај презентирањето на содржината на овие документи кои може да бидат и прилагодени/надоградени од општините се зборуваше и за обврските и предизвиците на локалните совети, потребата од координација и соработка помеѓу нив( централно и локално ниво), но и локализација на примарната превенција во општините каде фокус се става на мултисекторскиот пристап и рамноправната вклученост на сите важни локални чинители во превенцијата и заштита на децата.
Во поздравното обраќање извршната директорка Душица Перишиќ која учествува во работата на Државниот совет како претставник на ЗЕЛС, укажа на отвореноста за организирање на средби и настани од интерес на општините и во иднина, при што беше договорено да се организираат уште една или повеќе работилници со другите општини на истата тема во септември, годинава. Целта на ваквите средби е да се презентираат добрите пракси, да се укаже на предизвиците со кои се соочуваат општините, да се разменат искуства помеѓу општините и Државниот совет се со цел подобра превенција и заштита на правата на децата и спречување на детско престапништво.
Свои обраќања на работилницата имаа потпретседателка на Државниот совет, Тања Кикерекова, надворешен член, која се осврна на законските обврски и одговорности на Локалните совети за превенција од организациски и практичен аспект, каде посебен фокус стави на потребата од вклучување на децата во работата на советите преку младински и други формални здруженија со цел да се слушне нивниот глас и да се преземат мерки и политики кои ќе превенираат разни форми на престапништво, девијантно однесување и насилство кај децата. Таа апелираше и на мобилизација на повеќе општини и да ги следат добрите пракси од општините како Битола, Велес, Кавадарци, Пробиштип кои идентификуваат точки за превенција од детско престапништво и кои редовно тоа го известуваат до општинскиот совет но и Државниот совет за превенција.
Снежана Пајовиќ Мишевска, надворешен член во Државниот совет потенцираше дека децата нѝ се сегашност која треба да нѝ е во фокус на секој од нас и дека општината е препознаена како клучна алка во препознавањето на ризиците од детско престапништво, но и во поттикнувањето на потенцијалите на децата преку креирање на активности со индикатори кои ќе бидат сублимирани во Годишна програма за работа на локалните совети за превенција на детско престапништво. Г-а Пајовиќ Мишевска смета дека овие активности треба да се следат, да бидат одржливи, со вклученост на сите засегнати страни со цел градење на здрави деца.
Жаклина Просароска од МВР како член на Државниот совет ја презентираше рамката на предлог-Извештајот за работа на општинскиот совет на превенција на детско престапништво каде акцент стави на потребата од аналитичка обработка на податоците кои треба да се собираат редовни од вклучените институции( МВР, училишта, Центар за социјални работи, невладини организации) со цел насочување на капацитетите во правец со кој ќе се обезбедува превенција и безбедност на децата во општините.
Претставниците од општините ги споделија нивните искуства, но и предизвици при функционирањето на овие важни локални тела. Сите се согласија дека се неопходни почести средби од ваков тип, општинска соработка и мултисекторски пристап за градење на безбедни заедници за децата.