Конститутивна седница на Комисијата за животна средина и комунални дејности на ЗЕЛС

На 26 јуни, 2024 година се одржа конститутивната седница на Комисијата за животна средина и комунални дејности на ЗЕЛС. Согласно усвоениот Деловник за работа, за претседател на Комисијата е избран Љупчо Папазов, градоначалник на општина Кочани, и Стевче Стевановски, градоначалник на општина Новаци за заменик претседател. 

Приоритетите утврдени од страна на Комисијата се однесуваат на 4 сектори: води (со акцент на вода за пиење и отпадни води), отпад, воздух (уредување на оџачарска дејност) и климатска акција, како и детектирање на можности за финансирање на локалните активности во овие сектори.  Комисијата констатира дека областите животна средина и комунални дејности бараат сеопфатен пристап во решавање на предизвиците, а ги има многу, во секој сегмент од спроведување на овие надлежности од страна на локалните субјекти, со отсуство на систематизиран пристап кон истите на централно и локално ниво. 

Заради тоа, Комисијата бара итен состанок со Изет Меџити, министер за животна средина и просторно планирање, и со претставници на Регулаторната комисија за енергетика, води и отпад. 

Комисијата првенствено дејствува преку механизмот за лобирање и застапување  , односно иницирање на подобрување на регулаторна рамка преку идентификување празнини, предлагање амандмани и соработка и координација со релевантни засегнати страни; обезбедува мислења и предлага препораки за политики кои ја одразуваат позицијата на ЗЕЛС преку нацрт-регулатива, реформи или детектирање состојба во областа на заштита на животната средина и комуналните дејности; активно учество во процесите на застапување преку: водење или учество во платформи за дијалог, следење на развој на настаните, ангажирање во преговори со Владата; мониторинг на имплементација на предложени решенија и препораки преку следење на напредок на усвоени предлози и справување со сите предизвици што може да се појават во фаза на имплементација; подготовка на модели на општински прописи во согласност со секторските закони и политики преку креирање стандардизирани обрасци приспособени на локални околности.

Комисијата е формирана со Одлука на Управниот одбор на ЗЕЛС на  21-та седница одржана на 30 мај, 2024 година, во состав: Стевче Стевановски, градоначалник на општина Новаци; Миле Петков, градоначалник на општина Виница; Стефче Трпковски, градоначалник на општина Сопиште; Љупчо Папазов, градоначалник на општина Кочани; Нухи Незири, градоначалник на општина Теарце; Димчо Атанасовски, градоначалник на општина Македонска Каменица; и Еркан Арифи, градоначалник на општина Липково. 

На 24 јуни, 2024г., состанок одржа и Мрежата за животна средина и комунални дејности на ЗЕЛС, составена од претставници на општинската администрација чија работа е директно поврзана со овие два сектори. На состанокот се формираа четири работни групи, односно за води, заштита на амбиентниот воздух, управување со отпад и за климатска акција. Активностите на Мрежата, меѓу другото, даваат поддршка и на работата на Комисијата за животна средина и комунални дејности на ЗЕЛС.