Излезе од печат новиот број на Гласило на ЗЕЛС

Во овој број на Гласилото на ЗЕЛС  може да се информирате за позначајни настани што беа организирани во месец јуни од страна на ЗЕЛС . Генералното собрание на ЗЕЛС, највисокото тело на Заедницата, ја одржа шестата седница на која, на покана од ЗЕЛС, присуствуваше мандатарот за формирање нова влада, Христијан Мицкоски. Во обраќањето пред делегатите тој ги изнесе ставовите и заложбите на идната извршна власт за обезбедување заемна соработка за унапредување на процесот на децентрализација на власта во земјата и обезбедување подобра финансиска стабилност на општините. Притоа, Мицкоски ги охрабри општините да подготвуваат проекти за капитални инвестиции, бидејќи по спроведувањето ребаланс на буџетот, некаде во втората половина на август или септември, се планира да биде објавен јавен повик за аплицирање. Пред делегатите се обрати и претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, кој, меѓу другото, ги нотираше главните приоритети на лобирањето на ЗЕЛС, утврдени во Систематизираните ставови на ЗЕЛС. Генералното собрание усвои и значајни документи од работењето на Заедницата, по предлог на Управниот одбор, кој на својата 21. седница ги усвои Предлог- финансискиот и Наративниот извештај на ЗЕЛС за 2023 година. На оваа седница на Управниот одбор, што се одржа во просториите на Општина Центар, беше посочено дека долгот на општините кон ЗЕЛС од ненаплатена членарина изнесува околу 30 милиони денари и дека треба да се обезбеди сериозен пристап за надминување на овој предизвик со кој ЗЕЛС се соочува подолг период. Како сериозен предизвик за општините, на оваа седница, беше посочен третманот и згрижувањето на кучињата скитници, за кој беше заклучено дека треба да се издигне на повисоко ниво со вклучување на сите релевантни фактори за негово системско решавање. Управниот одбор на ЗЕЛС ги усвои предлозите за формирање Комисија за животна средина и комунални дејности и Комисија за социјална заштита и социјална инклузија. Кон крајот на јуни, Комисијата за животна средина и комунални услуги ја одржа конститутивната седница на која членовите го избраа Љупчо Папазов, градоначалник на Општина Кочани,за претседател на Комисијата, а за негов заменик беше избран Стевче Стевановски, градоначалник на Општина Новаци. 

Во овој период беа реализирани и низа обуки за општинската администрација, што е, исто така, важна стратегиска цел на ЗЕЛС . Во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и проектот „Зајакнување на општинските совети ‒ фаза 2“ ЗЕЛС организираше работилница за справување со говорот на омраза, дезинформациите и дигиталното насилство. На иницијатива на Општина Пробиштип, ЗЕЛС организира консултативна средба за претставниците од локалните совети за превенција на детско престапништво од општините од Источниот Плански Регион со членови од Државниот совет за превенција на детско престапништво. Исто така, на претставниците од општинската администрација и од организациите што се даватели на социјални услуги, од девет општини, им беше овозможено да ги надградат своите знаења за креирање нови социјални услуги по мерка на корисниците. За дел од единиците на локалната самоуправа од нашата земја, заинтересирани за сертификација и ресертификација, според регионалната програма БФЦ СЕЕ, ЗЕЛС организираше обука за запознавање со процесот што треба да го минат за стекнување на овој стандард.

ГЛАСИЛО ЈУНИ 2024