Комисијата за распределба на двете користени возила на ЗЕЛС, врз основа на утврдените критериуми направи избор што ќе му го достави на Управниот одбор на ЗЕЛС
Зрновци и Центар Жупа се општините што ги избраа членовите на Комисијата за распределба на двете користени возила на ЗЕЛС, на состанокот што се одржа на 05 јули, 2024 година во административната зграда на Заедницата. Овие предлози ќе бидат разгледани од страна на Управниот одбор на ЗЕЛС на следната седница, на која ќе биде донесена и конечна одлука за идните сопственици на возилата на ЗЕЛС.
Станува збор за возила марка „опел“, од кои едното е караван, што се произведени во 2008 година. ЗЕЛС веќе традиционално своите користени возила ги доделува на општините, по одлука донесена од страна на Управниот одбор на ЗЕЛС. На 20 седница на ова тело, одржана на 15 февруари оваа година, беше формирана Комисијата за избор, во состав на градоначалниците на општините: Македонски Брод, Жарко Ристески; на Студеничани, Азем Садики и на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски. Беа утврдени и следните критериуми: 1. Општината да ја платила членарината кон ЗЕЛС заклучно со 2023 година; 2. Општината да има реална потреба од возило што ќе се утврди со бројот на возила кој во моментот го има во своја сопственост; 3. Општината да не биде поголема од 10.000 жители; 4. Општината да не припаѓа на скопскиот плански регион.
Комисијата заклучи дека од вкупно пријавени 18 општини во ЗЕЛС, ќе бидат изземени општините: Ранковци која во изминатиот период има добиено користено возило од ЗЕЛС, како и Македонски Брод, бидејќи градоначалникот е член на Комисијата за избор. Беше посочено дека е направена дополнителна проверка на пријавениот број на возила на општините со оној утврден во Државна комисија за спречување со корупција. Според утврдената анализа членовите на Комисијата посочија дека општините: Зрновци и Центар Жупа во целост ги исполнуваат условите и гласаа овој предлог да му го достават на Управниот одбор на ЗЕЛС
Градоначалникот на општина Македонска Брод посочи дека голем број на општини имаат стари возила или немаат употребливо возило и често трошат големи средства за поправка на истите. Во таа насока беше посочено дека треба да се дискутира за иницирање на утврдување на законски основи во кои ќе бидат утврдени соодветни стандарди што треба да ги исполнуваат возилата што ќе ги употребува општината, со цел да не се предизвикуваат негативни реакции кај населението при набавка на нови превозните средства што им неопходни на општините.