Бобан Стефковски, градоначалник на Општина Гази Баба избран за претседател на Комисијата за социјална заштита и социјална интеграција при ЗЕЛС

Бобан Стефковски, градоначалник на Општина Гази Баба едногласно беше избран за претседател на Комисијата за социјална заштита и социјална интеграција при ЗЕЛС, а за негов заменик, членовите на ова тело го избраа Горан Трајковски, градоначалник на Општина Делчево. Изборот беше направен на конститутивната седница на Комисијата, што се одржа на 11 јули, 2024 година, во административната зграда на ЗЕЛС.  Членовите на ова тело дискутираа за неопходноста од сериозно продлабочување на децентрализацијата во областа на социјалната заштита и грижата на населението во социјален ризи,  каде под локална власт би биле преземени и сегашните регионални центри за социјална работа. Присутните беа информирани дека ЗЕЛС во рамките на проектот ,, Регионална соработка за подобра социјална инклузија“, што го спроведува во соработка со НАЛАС, а со поддршка на ГИЗ, ангажира експерт, кој во периодот најдоцна до октомври оваа година треба да изготви анализа на состојбите во оваа област во општините и во целата земја. Во рамките на проектот ќе биде изготвена и споредбена анализа  со насоки и примери  од земјите од регионот за спроведување на процесот на децентрализација на социјалната заштита. Овие два документа ќе бидат разгледани од Комисијата, како и од  други органи на ЗЕЛС и ќе служат како основа за лобирање пред централната власт за што поскоро префрлање на надлежностите од социјалната заштита на локално ниво и зголемување на видот на услугите во оваа област.

Присутните посочија дека локалната власт е најблиска до граѓаните кои секогаш за овие  потреби се обраќаат во општината, што е најважната причина зошто оваа надлежност треба да биде децентрализирана. Беше нагласено дека работата на центрите за социјална работа е недефинирана, односно најчесто тие служат за исплаќање на социјалната помош, па незадоволството од нивната работа населението неосновано го насочува кон општината, само затоа што најголемиот број од овие центри се лоцирани во  општинските објекти. Беше нагласено дека не смее да  се дозволи, како досега, овие важни прашања за населението да се спроведуваат во најголем процент со поддршка на странски проекти и да не се застапени подеднакво за сите граѓани во земјата. Исто така, не би требало општините и понатаму да се ставени настрана, како ,,неми,, небљудувачи или про- форма во спроведувањето на социјалните услуги од страна на невладини организации. Општината најдобро знае што им е потребно на граѓаните  од оваа област и треба да и се даде доверба тоа да го покаже на дело.

На седницата беа изнесени и бројни позитивни примери на општини кои реализираат   социјални услуги, иако за тоа немаат законска надлежност, ниту добиваат финансиски средства за тоа од централната власт, но ја детектирале неопходната потреба од нив за населението. Такви примери има во повеќе општини, мешу кои во општините Гази Баба, Делчево, Центар и други. Беше нагласено дека тие се позитивно прифатени од населението и треба да бидат реализирани и во другите единици на локална самоуправа. 

Присутните посочија дека активностите на оваа Комисија треба да одат во правец на  прецизно дефинирање на потребите на населението, на видовите услуги за социјална заштита и нивно законско дефинирање, но и обезбедување на соодветни финансиски средства за нивно континуирано спроведување. При тоа беше нагласена и потребата за вклучување на сите засегнати страни во утврдувањето на ингеренциите, обезбедувањето на условите и услугите. Дел од нив може да се решаваат и на ново на одреден регион или со меѓу -општинска соработка, како што се старечките домови; ,,шелтер центри“ за згрижување на жртви од родово базирано насилство; капацитети за сместување на бездомни лица  или  народни кујни и слично, а дел да бидат ингеренции што треба да е спроведуваат од страна на секоја општина. Присутните изнесоа и примери на злоупотреби, односно  забележано е дека на  лица кои добиваат социјална помош кога им е понудена постојана работа, истата ја одбиле , а како причина навеле дека со тоа ќе ја изгубат социјалната помош, како и другите финансиски поддршки што ги добиваат од државата. Беа посочени и лицата питачи, кои фрлаат непријанта слика за општината и за земјата. Тоа е неприфатливо и затоа локалната власт, како најблиска до населението,  треба да ги има ингеренциите на спроведување на оваа надлежност во што побрз период