Искуствата на ЗЕЛС преточени во докторски дисертации на светски универзитети
Активностите од Проектот ,,Локална самоуправа и промена на урбано -руралните односи – ЛоГов“ се во завршна фаза. ЗЕЛС е едена од 10-те партнери на проектниот меѓународен Конзорциум заедно со дополнителните осум корисници на Проектот. Проектот е поддржан преку финансискиот инструмент на ЕУ „Хоризон2020“, најголемата програма за истражување и иновации на ЕУ, во делот на потпрограмата „Мари Склодовска-Кири - истражување и иновации за размена на кадри“. Проектот опфаќа истражувања насочени кон обезбедување најдобри практики за локалните власти поврзани со влијанието на зголемената урбано- рурална поделба и менувањето на односите меѓу локалните власти и другите нивоа на власта што ќе бидат споделени со цел да се поттикне нивна ефективна примена. „ЛоГов“ опфаќа сеопфатни активности за обука и настани за дисеминација, комуникација и мрежно поврзување кои обезбедуваат комплементарни можности за подобрување на вештините и знаењата за истражување, развивање нови преносливи вештини и подигање на академските и неакадемски профили, од кои сите значително ќе придонесат за реализирање на индивидуалниот потенцијал и подобрување на нивните перспективи во кариерата.
Во таа насока ЗЕЛС во изминатиот период беше домаќин на неколку докторанди ( двајца докторанди од Полска, по еден докторанд од Аргентина, Италија и Германија ) меѓу кои и на последниот докторанд, Вероника Скорупска, од Варшавскиот Универзитет, која во рамките на нејзиниот студиски престој во ЗЕЛС, во период од 25 јуни до 25 јули, 2024 година имаше можност секојдневно да ги следи активностите на Заедницата и да ги прошири своите сознанија за организацијата на локалната власт во нашата земја, за процесот на децентрализација и за предизвиците од неговата имплементација. На крајот од својот престој, таа дел од своето истражување презентираше пред стручната служба на ЗЕЛС каде направи и паралела меѓу нашата организациска поставеност на локалната власт и онаа во Република Полска . Од 27 мај 1990 година до 31 декември 1998 година, локалната самоуправа во Полска била само на ниво на општини. Со административната реформа, од 1 јануари, 1999 година, Полска утврдила тристепена територијална организација на државата. Прво ниво -16 „војводства“ на регионално ниво/еквиваленти на NUTS2/. Второ ниво- 314 општини на суб-регионалното ниво и трето ниво-2477 општини. Со својата тристепена административна организација, Полска е една од 11-те земји на ЕУ со вака сложена територијална структура.
Таа говореше дека децентрализацијата не подразбира само промена на законодавството, туку пред се промена на свеста и менталитетот на граѓаните како основа за развој на граѓанска одговорност, при што ги посочи и моделите на организирање и учеството на граѓаните во процесите на градење на локалните политики и донесувањето на одлуки од локално значење во двете земји. Посебен осврт даде на имплементирањето на законските обврски на локалните власти во нашата земја при воспоставувањето на организациска структура и вклучување на младите во локалната власт. При тоа посочи дека обврската за основање на локално младинско собрание ги исполниле 19 општини а во 15 општини- постапките се во тек. Локална стратегија за млади донеле само 11 општини, а во четри од нив се донесени и акциски планови. Скорупска ги претстави и активностите на младинските совети во Полска, каде посебно ја нагласи соработка меѓу младите и повозрасните и полезноста кога доага до размена на младешки ентузијазам, нови идеи и наталожени искуства, како и за активностите за подигање на свеста за менталното здравје на младите и за спречување на менталните кризи. Како дел од искуствата на општините во Полска беше презентирана и практиката на градење на одржлива добра политичка заедница, односно градење на мали локални заедници кои можат да имаат големо влијание врз локалната политика.
Проектот ќе биде заокружен со одржување на завршна конференција на сите учесници, што ќе се одржи во октомври, 2024 година во Виена, Австрија.