Општините бележат континуиран напредок во имплементацијата на Законот за младинско учество и младински политики
-„Законот за младинско учество и младински политики иако бележи континуиран напредок во имплементирањето на националните и локалните институции, сепак има потреба од соодветно надградување и подобрување. Локалните власти покажуваат поголема свесност за потребата од институционално вклучување на младите во креирањето на локални политики и донесување на одлуки од локално значење. Па така, спроведувањето на законските обврски, како: формирање на локални младински совети, воведување на младински службеник, креирање на младинки стратегии и одвојување на најмалку 0,1% од општинските буџет за оваа намена е во постојана нагорна линија во единиците на локална самоуправа. Посебно внимание треба да се посвети на заживување на учеството на младите во руралните подрачја во земјата“.
Ова беше изнесено како дел од заклучокот од спроведениот мониторинг за имплементирање на Законот за младинско учество и младински политики за 2023 година, спроведен од страна на Националниот младински совет на Македонија, што беше воедно и организатор на конференцијата „Општините пријател на младите - Mладинското учество во фокус“ организирана на 12 август, 2024 година, по повод Меѓународниот ден на младите. Конференцијата беше одржана во рамките на проектот ,,Заедници инклузивни за млади" на која беа изнесени и низа практични искуства за младинско учество во општините, како и резултатите од одредени истражувања кои содржат насоки за подобрување на овие состојби.
На оваа конференција Општина Охрид беше прогласена за ,,Најпријателска општина за младите“ утврдено според Индексот на социјална вклученост на младите, што содржи стандардизирани методи за оценување на повеќе критериуми во однос на информираноста и вклучувањето на младите во општествениот живот. Беше посочено дека десетина до 18 општини се на прилично слично ниво како Општина Охрид во однос на исполнување на утврдените стандарди.
Примери како општините ги вклучуваат младите во општествените токови и креирањето на локални политики, изнесоа градоначалниците на Кисела Вода и на Крива Паланка, Орце Ѓорѓиевски и Сашко Митовски. Во Кисела Вода на иницијатива на младите отворена е библиотека, кино, се дава поддршка на младите брачни парови и се субвенционираат младите спортисти, а се подготвува и објект што ќе претставува своевиден ,,бизнис инкубатор“ преку кој ќе се обезбеди младите да добијат одреден финансиски стимул за отворање на сопствени бизниси. Како што впрочем и нагласи градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, Општината Кисела Вода гради политики за силна поддршка на младите и обезбедување на услови тие да останат во земјата и тука да го остварат својот потенцијал, а не да заминуваат надвор од државата. Слични активности и цели има и Општина Крива Паланка, каде градоначалникот Сашко Митовски посочи дека досегашната поддршката на општината на младите дала резултат и со враќање на млади лица од странствово, повторно во својата татковина каде отвориле сопствени бизниси. Според Митовски,тоа покажало дека со взаемна соработка, почитување на идеите и мислењата на младите, користење на нивните младешки идеи и ентузијазам во општината се отвораат нови потенцијали за развој на туризмот во овој крај. Митовски нагласи дека општината ги има формирано сите утврдени законски институции за поддршка на младите, донесена е и стратегија за млади, но исто така голема е и финансиската поддршка што општината да ја одвојува за оваа намена. Добри практики беа посочени и од општините: Битола и Центар, а беа изнесени позитивни примери и од општините: Штип, Виница, Гевгелија и други. На конференцијата за активностите на ЗЕЛС говореше заменик директорката на ЗЕЛС, Ардита Дема –Мехмети , која посочи дека во делот на лобирањето и реализација на низа проекти со општините, индиректно им се дава поддршка на младите за нивно поголемо вклучување во креирањето на сопствената иднина, овде во нивната татковина.