ЗЕЛС и Владата потпишаа нов Меморандум за соработка

Премиерот Христијан Мицкоски и претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски денес, на 13 август, 2024 година потпишаа нов Меморандум за соработка меѓу Владата на Република Северна Македонија и ЗЕЛС. На свечениот чин што се одржа во административните простории на извршната власт присуствуваа повеќе градоначалници, членови на Управниот одбор на ЗЕЛС.

Станува збор за потпишување на многу важен документ за единиците на локална самоуправа со кој и формално се потврдува партнерскиот однос меѓу ЗЕЛС и Владата на РСМ. Овој чин е израз на продолжување на континуитетот на досегашната соработка, што беше воспоставена уште со Меморандумот потпишан во 2003 година, односно пред 21 година. Во новиот Меморандум за соработка меѓу Владата и ЗЕЛС се ревидирани политиките на натамошно заедничко дејствување за јакнење на локалната самоуправа, односно се дефинирани формите и начините на идната соработка како и приоритетите за развојот на системот на локалната власт. Со Меморандумот, Владата и ЗЕЛС заеднички ја изразуваат својата согласност и определба да спроведат поголем обем на децентрализација на власта и јакнење на финансиската стабилност на единиците на локална самоуправа. Двете страни се обврзуваат да се придржуваат кон воспоставувањето на практика на одржување на редовни заеднички седници, на кои ќе се вршат консултации за прогресот на децентрализацијата и за тековните приоритетни прашања од локално значење, со што ќе се обезбеди поголема ефикасност во укажувањето на предизвиците со кои се соочуваат општините. Ќе се организираат годишни буџетски преговори помеѓу ЗЕЛС и Министерството за финансии, каде на транспарентен начин ќе се усогласуваат ставовите, потребите и можностите на централната и на локалната власт. При тоа и општините се обврзуваат дека во целост ќе ги исполнат своите обврски и дека ажурно ќе ги собираат своите даноци.

-„Од името на ЗЕЛС, сакам да изразам длабока благодарност до Владата на РСМ и до Премиерот Христијан Мицкоски за подадената рака кон општините и решеноста за потпишување на Меморандум за соработка со кој се отвора новото поглавје во односите помеѓу локалната и централната власт.  Новиот  Меморандум е израз на подготвеност за заедничко јакнење на системот на локалната самоуправа во нашата држава, обезбедување на квалитетни услуги за граѓаните, стабилни и независни единици на локалната самоуправа. Во изминатите неколку години, со претходната Влада не ни успеаја обидите за потпишување на овој Меморандум, а и соработката не беше на потребното ниво, затоа сметам дека со взаемна кооперативност од двете страни сега ќе имаме успешна и плодотворна соработка меѓу локалната и централната власт“. Ова пред присутните го истакна претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, по потпишувањето на Меморандумот.

Премиерот Христијан Мицкоски, пак, истакна дека она што им го ветува на општините и во иднина ќе го исполнува во целост,  посочувајќи на ветувањето за склучување на овој Меморандум, но и за ветувањето за обезбедување на  финансиски средства  за поддршка за реализација на капитални проекти од страна на општините. -.. Некаде до 10 септември, 2024 година очекувам да го објавиме јавниот повик до сите општини за аплицирање со проекти за добивање на средства за изградба на улици, патишта, канализации, градинки,  и други  капитални објекти за што обезбедивме од Буџетот финансиска поддршка од околу 100 милиони евра. Веќе работиме на анализа за издвојување на уште поголема сума во следниот Буџет за да можеме веќе во јануари да објавиме нов повик со што реализацијата на проектите за капитални инвестиции ќе може да бидат започнати во месец март. Затоа апелирам до сите општини, да се фокусираат и да подготвуваат што поголем број на проекти за да можеме да им се излезе во пресрет на потребите на нашите граѓани“,   посочи претседателот на Владата на РСМ, Христијан Мицкоски. При тоа тој додаде дека со новите предложени измени на Законот за урбанистичко планирање ќе им се овозможи на општините побрзо и поефикасно дејствување и обезбедување на планска документација за добивање на одобрение за градба на јавните објекти. На крајот од своето обраќање Премиерот на РСМ изрази надеж дека ќе се залага во иднина да  се реализираат во што поголем број вакви и слични средби меѓу ЗЕЛС и Владата.