Претставници од ЗЕЛС учествуваа на презентација на предлогот за унапредување на системот за финансирање на дејноста за заштита на деца со средства од блок дотации

Претседателот на ЗЕЛС, Орце Горѓиевски и градоначалник на Општина Кисела Вода, како и  претседателот на Комисија за следење на развојот на системот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, Ацо Ростов кој е и градоначалник на Општина Радовиш на покана од Министерството за социјална политика, демографија и млади учествуваа на работен состанок  што се одржа на 20 август, 2024 година, во просториите на Клубот на пратеници, во Скопје, на кој беше презентиран предлогот за унапредување на системот за финансирање на дејноста за заштита на деца со средства од блок дотации. На состанокот учествуваа и заменик министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, како и претставници од канцеларијата на Светска банка во нашата земја.

Како што беше изнесено на почетокот на презентацијата целта е да се воведе нов, поефикасен систем за распределба на средства за финансирање на дејноста за заштита на деца со средства од блок дотации. Ова е всушност долгогодишно барање на ЗЕЛС, бидејќи општините се соочуваат со огромни финансиски предизвици при спроведувањето на оваа надлежност. Поточно, општините не добиваа ни приближно доволно финансиски средства преку блок дотациите за да ги вршат тековните активности за квалитетно спроведување на оваа надлежност, при тоа масовно се соочува и со одбивање на барањата за вработување на потребните кадри (таканаречени согласности) и тоа не само за нови вработувања туку и при замена на лицата кои одат во пензија или заминуваат од градинката по друг основ.  Напротив, и овие средства им се намалуваа во блок дотациите па општините се принудени од сопствени средства да плаќаат значителен број од вработените во градинките, што е во спротивност со Европската повелба за локална самоуправа. Општините се соочуваат и со недоволен број на вакви установи од причина што финансиските средства за капитални инвестиции  се во надлежност на централната власт .

Изнесениот предлогот на Министерството за социјална политика, демографија и млади се заснова на анализите изработени од страна на Здружението за истражување и анализи ЗМАИ, и се  темели на финансирање  врз основа на трошок по дете, што ќе биде  пресметан  однапред, а не според  средствата кои се предвидени во Буџетот на државата за оваа намена, како што беше досега. За секое  дете со посебни потреби се обезбедува двојно повисока дотација од државата во соодветниот тип на градинка во однос на останатите деца а се води грижа и за децата на самохрани родители кои што се корисници на гарантирана минимална помош. Основниот трошок по дете треба да биде финансиран од два извори: дотација од страна на државата и партиципација од родителите, во сооднос 4 наспроти 1, односно околу 80% од основниот трошок по дете да биде покриен од страна на државата, а околу 20% од партиципацијата на родителите. Во предлогот се содржани две компонента: основна и развојна компонента. Основната компонента треба да го обезбеди минимумот потребен за покривање на трошоците на градинките во општина, а развојната компонента која треба да биде дел од формулата за блок дотациите за детските градинки со цел воведување на механизам со кој Министерството ќе ги поттикне општините/детските градинки да се стремат кон поголем опфат на децата во предучилишното образование и намалување на јазот помеѓу фактички број на запишани деца и бројот на деца кои активно присуствуваат со цел правилна оптимизација на трошоците. Во предлогот се пресметани и  медијални трошоци по дете во три типа на градинки: мала, средна и голема градинка. Врз основа на податоците кои се користени како влезни податоци се предлагаат три вида на формули за утврдување на блок дотации за финансирање на детските градинки и тоа: Формула базирана на историски влезни параметри; Формула базирана на стандардизирани влезни параметри со нови коефициенти за големина на градинката и Формула базирана на стандардизирани влезни параметри со историски коефициенти за големина на градинката.

Претставниците од ЗЕЛС ги поздравија заложбите на Министерството за воведување на нова, потранспарентна формула за распределба на овие средства за општините и посочија дека нејзината примена треба да започне што поскоро, односно веќе од следната година. Тие посочија дека утврдување на стандардизирани трошоци по дете во градинките, како основ за финансирање на оваа надлежност е барање на ЗЕЛС и во претходниот период, но додадоа дека треба да се обезбеди и поголема децентрализираност на општините во менаџирањето со добиените средства и тоа не само во оваа област туку и  во останатите надлежности, додека добивањето на согласности за вработување на потребниот кадар треба да биде надминато еднаш, засекогаш. Беше нагласено дека оваа предлог –формула треба да ја разгледаат сите единици на локална самоуправа како и  телата и органите на ЗЕЛС, по што ќе следат и соодветни  заклучоци. И претставниците од Министерството за  социјална политика, демографија и млади се согласија со  изнесениот став на ЗЕЛС за потребата од промени во распределбата на средства за финансирање на оваа надлежност на општините и дека планираат итни средби со претставниците од Министерството за финансии, а ќе биде изнесена за дискусија и на други тела, меѓу кои и со Комисија за следење на развојот на системот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, каде мнозинството  членови  е од редовите на локалната власт.