За модерна и ефективна администрација неопходни се и современи правни решенија

 

Во духот на неодамна потпишаниот Меморандум за соработка помеѓу ЗЕЛС и Владата на Р.С.Македонија, на 30 август, 2024 година, во просториите на ЗЕЛС се одржа првата Јавна дискусија како дел од Кампањата “Сите заедно за професионална и квалитетна администрација“ со претставници од општинската администрација и претставници од Министерството за јавна администрација. На оваа средба беа поканети општините од Скопски, Полошки, Североисточен и Југозападен регион кои ја поздравија оваа одлука за организирање на средби со стручната јавност од општините, пракса која беше „заборавена“ во изминатите години, за навремено вклучување на општините при креирањето на законски решенија кои треба да придонесат за добро управување и поефикасна јавна администрација.

Темата на дискусијата “Идни заложби за добро управување и поефикасна јавна администрација“ предизвика интерес кај општините, особено кај вработените во одделенија за Управување со човечки ресурси кои се најзасегнатите од имплементацијата на законите кои беа дискутирани, и тоа: Закон за административни службеници, Закон за вработени во јавен сектор и Закон за стручно усовршување и обука на административните службеници. Дека има воља за инклузивност на сите засегнати страни, конкретно општините, во процесите на донесување на законски решенија од страна на централните власти се потврди и со присуството на министерот за јавна администрација, Горан Минчев, министерот за локална самоуправа, Златко Перински и претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски кои имаа свои обраќања во првиот дел од овој настан.

Посветеноста на Владата преку Министерството за јавна администрација за спроведување на значајни реформски закони ја потенцираше министерот Минчев кој изрази очекување на вклучување на што е можно повеќе заинтересирани страни во вакви дебати со цел донесување на законски решенија кои ќе водат до  поквалитетна и попрофесионална јавна администрација. „Сметаме дека во оваа фаза е исклучително битно да биде вклучен и ЗЕЛС или општинските администрации кои се главен двигател или, пак, првиот контакт кој го имаат граѓаните со јавната администрација. Во насока на подобрување на овие закони сметаме дека оваа дебата е добредојдена и ги охрабруваме сите општински администрации да се вклучат во неа, а како Министерство и понатаму ќе бидеме отворени за соработка и да ги делиме нашите ставови, но и да слушаме и туѓи мислења со цел на крајот да добиеме системски, но пред се квалитетни закони за кои сметаме дека е најважно да имаат можност за квалитетна имплементација“, порача Минчев.  

Министерот за локална самоуправа, Златко Перински исто така даде поддршка на овој реформски процес поздравувајќи ја одлуката за вклучување на општините во дебатите и нивно охрабрување за отвореност и придонес со свои предлози и решенија при креирање на квалитетни законски решенија кои се од интерес за општините. „Администрацијата не смее да се злоупотребува за политички цели. Единствено кога државниот сервис ќе се претвори во сервис на граѓаните, тогаш ќе бидеме чекор поблиску до Европската Унија,“ истакна министерот. Тој посочи дека општините се првата врата на која тропаат граѓаните и остваруваат контакт со државниот апарат.  Тој потенцираше дека искуствата, предлозите и сугестиите од страна на ЕЛС, треба да се земат предвид и да се имплементираат при подготовката на законските решенија за претстојните реформи.

Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски ја поздрави одлуката на министерот за јавна администрација за организирање на вакви дебати со општинската администрација при креирање на нови или промена за постоечки закони кои се во интерес и на општините, но и упати апел за овој пример да го следат и другите ресорни министерства да бидат инклузивни и отворени кои општините од каде може да произлезат конструктивни предлози и решенија и истите да бидат вградени во законите. “Општините треба да бидат ефикасни и ефективни, да нудат квалитетни услуги и еднаков пристап до основните општински услуги, како и да креираат нови услуги кои ќе ги следат потребите на сите категории на лица. Финансиската стабилност, соработка со централните власти и успешното менаџирање на општината се едни од најважните предуслови за да имаме успешни општини секаде, што е и мисија на ЗЕЛС, но без квалитетна, ефикасна и посветена администрација, која е задоволна и вреднувана во работното опкружување и од граѓаните, верувајте дека нема да има резултати во општината. Ова го зборувам од аспект на градоначалник на Општина Кисела Вода кој ги цени и почитува своите вработени, професионалци кои си ја сакаат работата и тоа е потврдено од задоволните жители од општината“, се осврна во говорот Ѓорѓиевски. Тој се обрати директно на општинската администрација потенцирајќи дека тие се моторот на локалните самоуправи. “Без вашата професионалност, посветеност и интегритет нема да бидеме успешни како градоначалници и затоа ви се заблагодарувам на вашиот професионален ангажман“. Од друга страна, го нагласи и негативниот тренд кој се забележува кај општините, а тоа е одлив на квалитетни кадри, но и намалување на интересот на млади стручни лица за работа во општините, што доведува до недостаток на вработени на клучни места во општините( пр. Урбанисти, инспектори, ИТ и др.). “Причината за тоа може да ја бараме во неатрактивните плати, но и слабите законски решенија во однос на вработување, напредување, усовршување, наградување.... Сите овие работни односи во администрацијата се уредуваат преку законите кои се денес на дискусија, а кои во минатото беа “мета“ на промени на централните власти, а често и политички злоупотребувани, за да задоволат одредени потреби на одредени категории на вработени. И тоа влијаеше на одливот на квалитетни кадри, чии укажувања за неквалитетот на законските решенија беа игнорирани. Сега сме тука за да ги исправиме тие грешки, да го слушнеме гласот на професионалецот од администрација, да ги разгледаме предлозите и решенијата бидејќи најдобрите решенија произлегуваат од пракса, а вие сте тие кои тоа најдобро го знаат и умеат“. При тоа, ги повика присутните од општините отворено да зборувате за предлог решенијата од трите закони, да дадат предлози, но и да укажат на пропустите или неприменливи решенија, се во насока на изработка на квалитетни закони.  Пред присутните медиуми, претстедателот Ѓорѓиевски изрази надежи дека Министерството ќе излезе во пресрет, ќе ги земе во предвид укажувањата и проблеми коишто ќе бидат нотирани од страна на општинската администрација и дека ќе бидат содржани во новиот Предлог-закон за администрација. Нагласи дека во минатото иако имаше укажувања од страна на општинската администрација и од страна на градоначалниците дека има одредени недоследности, дека треба да бидат исправени предлог-законските решенија, сепак овие предлози остануваа само на хартија, како предлог од општините.

Во вториот работен дел од дебатата без потврдени некои од предлозите и решенијата кои во изминатата година беа поднесувани до Владата и ресорното министерство, а поврзано со последната верзија од предлог законот за администрација. Покрај нив, присутните претставници од општинската администрација дадоа и други конкретни предлози и ги образложија причините за такви предлози пред колегите од Министерството за јавна администрација. Најмногу забелешки и предлози имаше во одредбите за систем на плати и други надоместоци, стручно усовршување, понатаму за подобрување на постапката за утврдување на дисциплинска одговорност и управување со слаб учинок, како и во делот на стручно усовршување и обука.

Овие и претходните предлози ќе поминат уште еден процес на консултација во рамките на мрежата на УЧР при ЗЕЛС и како такви финални ќе бидат доставени до Министерството за јавна администрација, со надеж дека квалитетните предлози и бидат вградени во новите закони. Сите се согласија дека е потребен систем за работа на администрацијата која ќе биде ефикасна и ефективна и вреднувана по сите основи во институцијата.