Дваесет и втора седница на Управниот Одбор на ЗЕЛС
Во просториите на општина Кавадарци, на 10.09.2024 се одржа дваесет и втората седница на Управниот одбор на ЗЕЛС. Членовите на Управниот Одбор на оваа седница донесоа одлука за донација на две користени возила на ЗЕЛС на општинитe Зрновци и Центар Жупа, согласно предлогот на Комисијата за распределба на две користени возила на ЗЕЛС, врз основа на утврдени критериуми како што се: да немаат заостанат долг по основ на членарина кон ЗЕЛС, да не припаѓаат на скопскиот плански регион, да имаат реална потреба од возило што ќе се утврди со бројот на возила кој во моментот го има во своја сопственост и согласно бројот на жители на општината, односно да не надминува 10.000 жители според последниот спроведен попис.
Управниот одбор на ЗЕЛС даде позитивно мислење за иницијативата на општина Центар за дополнување на Законот за комуналните дејности, и тоа во делот на изрекување на казни, односно прекршочни платни налози кога ќе се констатираат неправилности односно сторени прекршоци на одредбите од законот. Слична иницијатива беше доставена и од општина Аеродром, каде се бара можност за зголемување на прекршочните одредби во Законот за јавна чистота и предвидување на можност за водење на постапка за одземање на возилото на сторителите на прекршоци од членот 14 и 14-а, кои оставаат стари предмети и смет од домаќинствата, фекални остатоци од домашни миленици, мртви животни, живина и птици во садови за отпад, фрлање и оставање на отпадоци од градежни материјали, градежен шут и слично. И двете иницијативи беа прифатени и ќе бидат доставени до ресорните министерства и владата.
Градоначалникот на Радовиш, Ацо Ристов, кој и досега беше член, е избран да продолжи да биде член, а потпретседателот на ЗЕЛС, градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов е избран за негов заменик. Тие како претставници на ЗЕЛС , ќе бидат членови на АРЛЕМ – Локално и регионално собрание на ЕВРО- МЕДИТЕРАНОТ.
На седницата се дискутираше и по други прашање од важност за општините. Задоцнувањето на префрлање на средства од ЈПДП е загрижувачка, општините бараат итно префрлување на средствата согласно закон и во најскоро време да се организира состанок со директорот на ова претпријатие и да се дискутира за динамиката и критериумите за префрлување на средствата по овој основ бидејќи и Државниот завод за ревизија утврди дека општините се оштетени повеќе години, бидејќи до нив има префрлено помалку средства, потребно е итно прецизирање на критериумите по кои општините ги добиваат овие средства. На седницата се дискутираше и околу преиспитување на критериумите за капиталните трансфери земајќи го во предвид и демографскиот фактор посебно за руралните општини кои со сегашните критериуми едвај ги покриваат и трошоците за спремање на проектна документација и често не се во можност да реализираат капитални проекти.
Пожарите кои се случија ова лето предизвикаа големи финансиски импликации за општините. Несоодветната распределба на средства од дотацијата за оваа надлежност како за вработување на соодветен број на пожарникари како што налага законот, исплата на плати и надоместоци на плати, опрема и одржување предизвикува големи трошоци кај повеќе општините. Оттука, Управниот одбор на ЗЕЛС во најскоро време треба да реализира средба со министерот за одбрана и да се изнајде решение да се отстранат овие предизвици.
Управниот одбор разгледа и неколку иницијативи од општините посебно во делот на предизвиците со застарените броила за вода, кои имаат век на траење и истите е потребно да се заменат од сопствениците на броилата што често не се случува, и по тој основ општините не успеваат соодветно да ги наплатат трошоците. За ова прашање заедно со АДКОМ ќе се формира работна група која ќе утврди начин на решавање на овој проблем. И понатаму останува предизвик проблемот со дивоградбите посебно за новонастанати дивоградби заради неможност на општините за донесување на ДУП, по што се одлучи да се актуелизира донесувањето на законот, кој во моментот е во собраниска процедура.
Во пресрет на почнување на подготовка на новиот буџет за 2025 година, ЗЕЛС навремено да реализира буџетски преговори со претставниците на Владата за обезбедување на доследно спроведување на законите околу распределба на средствата од капитални дотации, блок дотации во образованието, социјалната заштита, пожарникарство и средства од други трасфери кои се наменети за општините.