Иницијален состанок на Работната група за води на ЗЕЛС

 

Работната група за води на Мрежата за  животна средина и комунални дејности на ЗЕЛС го одржа првиот состанок за координација околу законската регулатива за води , со акцент на вода за пиење и одведување отпадни води и за регулирање на комуналните дејности. Во тој контекст е договорено работната група, составена од 11 членови, во следните 30 денови да работи на нотирање на правни предизвици и предлози согласно доставената матрица за регулативи за води. Целта е бележење на недоследности и иницирање правни решенија за подобрување на законскиот опфат со акцент на вода за пиење и отпадни води за истите да ги пресретнат потребите и интересите на општините, јавните комунални претпријатија и на граѓаните како нивни директни корисници.

Работната група утврди и динамика на следни активности, работни состаноци, консултации и работилници, на кои ќе се усогласуваат приоритетите и текстот на правните иницијативи за законски интервенции, процес што треба да заврши најдоцна до 30 јуни, 2025 година. 

Напоредно ќе се воспостави координирана и интегрирана соработка меѓу единицата на локална самоуправа и јавното комунално претпријатие, преку вклучување на АДКОМ и преку подготовка на локални интегрирани планови за управување со водите со пилот општини. Работната група утврди вклучување на три типа на општини, односно една типично рурална, една урбано-рурална и една претежно урбана, за што ЗЕЛС треба да подготви апликативен формулар за пријавување на општините.

Работната група е оперативно и финансиски поддржана од ЗЕЛС, со експертска поддршка од Горан Ангелов, консултант на ГИЗ, и од програмата RCDN координирана од ГИЗ за јакнење на капацитетите на заедниците на локалните самоуправи и на јавните комунални претпријатија од регионот, во делот на користење вода од страна на човекот и одведување на отпадни води.  RCDN програмата (Регионалната мрежа за развој на капацитети), со цел јакнење и интензивирање на соработка меѓу асоцијациите, заедничко водење политички дијалог и застапување на интересите на своите членки, и понуда на висококвалитетни услуги за развој на капацитети, е финансиски поддржана од швајцарската SECO и германското Министерство за соработка и развој.