Регионален пристап, иновативни и родово сензитивни активности во концептите за нови социјални услуги за грижа во заедницата
На 18 септември, 2024 година во Општина Куманово се одржа вториот настан за размена на искуства од компонентата Кластер за учење од регионалниот проект “Регионална соработка за подобра социјална инклузија“, што го спроведува ЗЕЛС, во соработка со НАЛАС, со финансиска поддршка од ГИЗ. Ова е продолжение на првиот настан за размена на искуства за воспоставување на услуги за грижа во заедницата каде учествуваат претставници од пилот општините Куманово и Делчево, како и нивните партнери кои се даватели на услуги од “Порака Наша“ и “Бравура Кооператива“, но и од општината Кочани со Црвен Крст од Кочани, општина Прилеп со “Центар за развој и едукација“- Прилеп и општина Свети Николе со Организација на жени-Свети Николе и претставник од општината Валандово, кои се уште се во потрага по давател на услуга, поради предизвикот на непостоење на локални граѓански организации. Сите учесници презентираа свои концепти за воспоставување или надоградување на постоечки социјални услуги во заедницата, развиени во рамките на оваа компонента, а со менторска поддршка на консултантката Александра Георгиевска која го спроведе овој настан, како и претходниот.
Концептите на Општина Куманово и Општина Делчево ќе добијат и финансиска поддршка за реализирање на активностите од овој проект, а се базираат на наодите од спроведените социјални мапирања на потребите на лицата со попреченост, компонента од овој проект. Понатаму, концептите на овие две пилот општини имаат регионален пристап во обезбедувањето на услуги во рамките на микро регион, иновативни елементи во услугите кои треба да обезбедат само-одржливост на социјалните услуги и се родово сензитивни.
Така, Општина Делчево го презентираше концептот “Обезбедување на услуга за рехабилитација и реинтеграција на лица со попреченост во Источниот регион, преку воведување на нови инструменти за проценка на работна способност кај лицата со попреченост и верифицирани програми за образование на возрасни“. Општина Куманово ќе работи на концептот “ Од рехабилитација и реинтеграција до независно живеење и вработување на лица со умерена и тешка интелектуална попреченост“. Понатаму, Општина Прилеп разработи концепт за „Дневен Центар за стари лица со активно стареење“, Општина Кочани се подготви да концепт “Дневен Центар за возрасни лица со попреченост“, а Општина Свети Николе разработи концепт за „Услуга помош и нега во домот за стари лица“. Сите овие концепти беа презентирани и разгледани од учесниците во кластерот кои разменија искуства на оваа тема и воспоставија мрежа на контакти за понатамошна комуникација и соработка.
Дел од втората сесија беше посветен и на концептите со родово-чувствителна димензија и миграциски пристап на Општина Куманово“ Зборувај тивко – делувај гласно“ и Општина Делчево “Развој на услугата советувалишна и советодавно-тераписка работа за жени со попреченост, мајки на ЛПП и др. маргинализирани групи“, за кои во рамките на проектот е обезбедена финансиска поддршка и се во фаза на спроведување на активностите.
За време на настанот, учесниците го посетија и Центарот за Рехабилитација и Реинтеграција на возрасни лица со умерена и тешка интелектуална попреченост “Порака Наша“ во Куманово каде беа запознаени со начинот на организирање на денот со активности и прифаќање на лицата со умерена и тешка интелектуална попреченост во Куманово.
Со настаните кои се организираат во рамките на Кластерот за учење ќе се зајакнат капацитетите на членовите ( пријавени општини и организации кои се даватели на социјални услуги)за соодветно воспоставување и управување со Услуги на грижа во заедницата и тоа за: зајакнување на знаењата и компетенциите за воспоставување на Услуги на Дневен Престој и Услуга на мобилна и теренска работа следејќи го националното законодавство. Во рамките на овој кластер ќе се стекнат и со знаења и вештини за тоа како димензиите на човекови права, попреченост и родова еднаквост треба да се вклучат и зајакнат во процесот на дизајнирање и спроведување на услугите на грижа во заедницата. Акцент ќе се стави и на зајакнување на свеста за потребата од градење на јавни-приватни партнерства во процесот на градење на инклузивни општини и локализација на 2030 Агендата.
Во следниот период ќе се отпочне со имплементација на активностите од концептите на Куманово и Делчево, а останатите ќе бидат финализирани во зависност од тоа каква поддршка може да се добие во рамките на овој проект. Третиот настан за размена на искуства ќе биде организиран следна година, чија цел е презентирање на резултати од спроведените активности во двете пилот општини.