Современи законски решенија за професионална и задоволна администрација кои ќе обезбедат квалитетни услуги за граѓаните
По успешно реализираната прва јавна Јавна дискусија како дел од Кампањата “Сите заедно за професионална и квалитетна администрација“ со претставници од општинската администрација и претставници од Министерството за јавна администрација во ЗЕЛС, на 20 септември, 2024г. се одржа и втората дебата, овој пат во Општина Куманово. На оваа средба беа поканети општините од Вардарски, Пелагониски, Источен и Југоисточен регион кои зедоа активно учество и понудија конкретни предлози за подобрување на предлог-законите кои беа тема на дискусија, а кои треба да придонесат за добро управување и поефикасна јавна администрација.
Првиот дел од дебатата “Идни заложби за добро управување и поефикасна јавна администрација“ беше посветен на искажување на заложбите на министерството за јавна администрација за вклучување на практичари, и тоа од општините, во процесот на креирање на законските решенија: Закон за административни службеници, Закон за вработени во јавен сектор и Закон за стручно усовршување и обука на административните службеници. Покрај министерот за јавна администрација, Горан Минчев, се обрати и министерот за локална самоуправа, Златко Перински, а во името на ЗЕЛС зборуваше градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, кој е и член на Управен Одбор на ЗЕЛС.
Министерот Минчев ја потврди важноста од вклучување на општините кои се најблиску до граѓаните, и затоа нивната вклученост е неопходна за креирање на закони кои ќе обезбедат квалитетни услуги на граѓаните од страна на професионална, посветена и ефективна администрација. Тоа може да се оствари доколку имаме практични и применливи закони за работа на администрација.
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински исто така даде поддршка на овој реформски процес поздравувајќи ја одлуката за вклучување на општините во дебатите и нивно охрабрување за отвореност и придонес со свои предлози и решенија при креирање на квалитетни законски решенија кои се од интерес за општините. Тој посочи дека општините се првата врата на која тропаат граѓаните и остваруваат контакт со државниот апарат. Тој потенцираше дека искуствата, предлозите и сугестиите од страна на ЕЛС, треба да се земат предвид и да се имплементираат при подготовката на законските решенија за претстојните реформи, при тоа споменувајќи ја потребата од отворање на процес на измени на Законот за локална самоуправа кој не е отворен повеќе од 20 години.
Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски рече дека суштината на оваа дебата е да се слушне мислењето на оние кои директно се инволвирани во процесот. „Сметам дека ваквите дебати ќе вродат со плод и суштински ќе се реши многу горливо прашање, а тоа е граѓаните да добијат соодветна јавна администрација, која првенствено ќе биде во функција на нив, граѓаните, а дополнително ќе се срушат сите досегашни навики и селекцијата и пристапот кој важеше и се уште важи, да се добие предност на квантитет во однос на квалитет, едноставно се смени. Нашата цел е да имаме професионална администрација, а граѓаните да имаат еднакви права и можности како што е напишано во уставот“, рече Димитриевски. Тој се осврна и од потребата од продолжување на процесот на фискална децентрализација која ќе овозможи доволно финансиски средства за општините кои ќе може понатаму да сервисираат квалитетни услуги за граѓаните со фокус на дигитализација на општинските услуги и обезбедување на еднаков пристап до услугите за сите категории на граѓани.
Во вториот работен дел од дебатата без потврдени некои од предлозите и решенијата кои во изминатата година беа поднесувани до Владата и ресорното министерство, а поврзано со последната верзија од предлог законот за администрација. Покрај нив, присутните претставници од општинската администрација дадоа и други конкретни предлози и ги образложија причините за такви предлози пред колегите од Министерството за јавна администрација. Најмногу забелешки и предлози имаше во одредбите за систем на плати и други надоместоци, стручно усовршување, понатаму за подобрување на постапката за утврдување на дисциплинска одговорност и управување со слаб учинок, како и во делот на стручно усовршување и обука. Присутните претставници од Министерство за јавна администрација, кои се дел од работната група која работи на овие закони им потврди на присутните од ЕЛС дека некои од овие предлози се веќе земени во предвид и ќе бидат вградени во новите закони.
Овие и претходните предлози ќе поминат уште еден процес на консултација во рамките на мрежата на УЧР при ЗЕЛС и како такви финални ќе бидат доставени до Министерството за јавна администрација, со надеж дека квалитетните предлози и бидат вградени во новите закони. Сите се согласија дека е потребен систем за работа на администрацијата која ќе биде ефикасна и ефективна и вреднувана по сите основи во институцијата.