Лидерски форум „Стратегии за соработка во одржливо мобилизирање на ресурсите и децентрализација“

 

Лидерскиот форум под наслов „Стратегии за соработка во одржливо мобилизирање на ресурсите и децентрализација“,  се одржа на 25 и 26 септември 2024 година  во Скопје. Цели на форумот беа:  Унапредување на општинското управување, зајакнување на капацитетите на општинските лидери за ефикасно мобилизирање на ресурси, управување со јавните финансии и имплементација на политики за децентрализација, промовирање на меѓусебна соработка со олеснување на партнерствата меѓу општините, министерствата и донаторската заедница за координирана имплементација на политики и одржлив развој на локалните заедници. Понатаму, поддршка на иновации во политиките преку поттикнување пракса на усвојување на добри практики и иновативни стратегии во генерирање на општински приходи и управување со јавните финансии како и обезбедување отчетност и транспарентност: залагање за зголемена транспарентност и отчетност во општинското управување за подобрување на јавната доверба и општинските услуги.  

Претседателот на ЗЕЛС г-дин Орце Ѓорѓиевски, имаше свое излагање вториот ден од форумот, и притоа изрази голема благодарност на САД и УСАИД за повеќе од три децениската соработка и помош на општините и ЗЕЛС  во нивниот стратешки развој, унапредување на процесите на децентрализација, дигитализација и понуда на механизми за унапредување на квалитетот на испорака на услугите на локално ниво. Тој извести за неодамнешниот чин на потпишување на меморандумот за соработка со Владата, со очекување за почеток на исполнување на барањата на општините преточени во Систематизирани ставови.  

Претседателот истакна дека после три години немање соработка со Централната власт, сега се надзираат подобри времиња за општините, а за тоа се доказ и големите средства кои се планирани за реализирање на инфраструктурните проекти во општините во оваа година, и уште 250 милиони евра следната година. Истакна надеж дека со тие пари ќе се постигне значително подобрување на условите за живот во сите општини. 

Во рамките на панелите „Стратегии за зајакнување на општинските приходи и оптимизација на управувањето со јавните финансии“, и „Стратегии за унапредување на децентрализацијата – Што понатаму?“, ставовите на ЗЕЛС ги претставија потпретседателот на ЗЕЛС, г-дин Перо Костадинов и претседателот на Комисијата за финансирање на ЗЕЛС г-дин Ацо Ристов и член на Управниот одбор  и градоначалник на Центар, Горан Герасимовски. Тие ја истакнаа потребата од вистинска фискална децентрализација согласно принципите кои ги налага Европската повелба за локална самоуправа и постојните закони. Зголемувањето на износите на средства за дотациите за образование, социјална заштита и посебно за противпожарната заштита се задолжителни за доследно спроведување на овие надлежности. Градоначалникот Ристов, информираше дека по овој основ општините генерираат големи долгови и се присилени да одделат големи износи од сопствените средства за да може соодветно да функционираат, бидејќи за илустрација дури 90% од блок дотацијата оди за плати на вработените и останува недоволен износ на средства за покривање на другите трошоци кои со инфлаторните движења прогресивно се зголемуваат и на месечно ниво. Посебно алармантна е состојбата со противпожарните единици. Централната власт обезбедува  4.5 милиони евра, а општините финансираат од своите скромни буџети 4.1 милион евра, согласности за вработување нема и тешко се исполнува обврската  за обезбедување на еден пожарникар на секои 1500 жители.  Потпретседателот Костадинов ги информираше присутните за барањата на ЗЕЛС во проширување на процесот на децентрализација и во областа на социјалната заштита, потоа воведување на комунална полиција но и за потребата за зголемување на процентот на ДДВ и персоналниот данок кој е предвиден за локална самоуправа.   

На крајот на вториот ден од конференцијата, се наметна паролата: И локалната власт е власт, со што треба да се укаже на сите власти да се посвети поголемо внимание на општините, а особено од избраните лица во централната власт но и од администрацијата.