Работилница од областа на управување со локални патишта
Во рамките на проектот за поврзување на локалните патишта, кој го реализира Министерството за транспорт ‒ Единицата за имплементација на проекти од Светска банка (МТ/ЕИП), во завршна фаза е реализацијата на техничката помош за развој на системи за управување со локалните патишта во Северна Македонија спроведена од консултантските фирми Мот Мекдоналд Романија и Мот Мекдоналд Србија. Тие имаат подготвено неколку извештаи во нацрт-верзии во кои ги анализираат сите аспекти што влијаат на управувањето со локалните патишта и даваат насоки и препораки за нивно подобрување. Со цел извештаите да добијат конечна форма и заради нивна валидација од општините, во ЗЕЛС тренинг центарот беа организирани работилници со регионално покривање на општините, одржани на 25, 26 и 27 септември 2024 година. На овие работилници учествуваа и претставници од министерствата и ресорните институции.
За време на работилницата, консултантите ги презентираа сите извештаи и обезбедија повеќе информации за содржината и препораките кои се опфатени за подобрување на состојбите, додека претставниците од општините имаа можност да дискутираат за сите отворени прашања поврзани со нив, да дадат забелешки и коментари. По завршената валидација, потребно е консултантот да ги земе предвид сите истакнати забелешки и коментари кои секоја општина имаше можност и писмено да ги достави пред работилницата, како и за време на самата работилница. Оттука, откако ќе се вградат во конечните верзии на извештаите, одат на одобрување од Министерствотото за транспорт.
Извештаите третираат повеќе сегменти и тоа: легислатива, односно актуелната политика за управување со локалните патишта, правните недостатоци и препораки за дополнување на акти, финансирањето и управувањето со патните средства, инженерските аспекти со сеопфатна евалуација на постојните примери, идентификација на слабостите и развој на стратегии за подобрување. Понатаму, направени се оценки и дадени се предлози за одржливо проектирање, изградба и одржување на локалните патишта, со што се наложува потребата од мултидисциплинарен пристап којшто опфаќа законски реформи со вклучување на сите засегнати страни и изготвување на сеопфатни упатства и ефикасни примери за управување. Поставувањето на систем за управување со патните средства на општинско ниво, ќе овозможи оптимизирање на општинската патна мрежа со минимални трошоци преку долгорочно планирање за одржување. Трошоците ќе можат лесно да се пресметаат, што ќе придонесе за долгорочно одржливо планирање и обезбедување на финансиски средства, како од буџетот така и од други донатори и инвеститори.