Излезе од печат новиот број на Гласило на ЗЕЛС
Во овој број на Гласилото на ЗЕЛС, ќе имате можност да прочитате за многу важни активности за ЗЕЛС и општините. Така, во август, премиерот Христијан Мицкоски и претседателот на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски потпишаа Меморандум за соработка меѓу Владата на Република Северна Македонија и ЗЕЛС. Станува збор за потпишување на многу важен документ за единиците на локалната самоуправа, со кој и формално се потврдува партнерскиот однос меѓу ЗЕЛС и Владата на РСМ. Од поважните настани периодов е одржувањето на дваесет и втората седница на Управниот одбор на ЗЕЛС во Општина Кавадарци. Управниот одбор на ЗЕЛС разгледа две иницијативи пристигнати од Општина Центар и Општина Аеродром, при што УО даде позитивно мислење за иницијативата на Општина Центар за дополнување на Законот за комуналните дејности, и тоа во делот на изрекување на казни. Иницијативата од Општина Аеродром се однесуваше за зголемување на прекршочните одредби во Законот за јавна чистота и предвидување на можност за казна и водење постапка за одземање на возилото на сторителите на прекршоци. Други содржини за кои ќе имате можност да прочитате се: одржувањето на повеќе конференции и работилници од важност за локалната самоуправа, од кои би ги издвоиле двете дебати како дел од кампањата „Сите заедно за професионална и квалитетна администрација“, со претставници од општинската администрација и претставници од Министерството за јавна администрација во Скопје и во Општина Куманово. Ќе може да прочитате повеќе и за другите настани од областа на управување со локалните патишта, водата за пиење и одведување на отпадните води, за младинските политики, социјалното мапирање во две општини и за други интересни содржини.
Гласило Јули-Септември 2024