Иновативни мерки и инструменти за општините презентирани пред претседатели на совети
На 02 октомври, 2024 година се одржа заедничка работилница на која учествуваа три Работни Тематски Групи во рамките на проектот „Зајакнување на општински совети-фаза“, каде ЗЕЛС е партнер во спроведување на заеднички активности со УНДП. На работилницата која беше поделена во три сесии учествуваа членови на ТРГ за иновации во локалната самоуправа, за локален економски развој и за животна средина, при што беа опфатени следниве теми: претставување на ЛОГЕС платформата за обезбедување на услуги на локално ниво, потоа претставување на процесот на изработка на интегрирани развојни планови, а последната сесија беше посветена на моделите за справување со загадување на воздухот и кои се предностите и можностите на „Зелен финансиски инструмент за подобрување на квалитетот на воздухот и борба против климатски промени".
Емили Јовановиќ Локвенец, специјалистка за дигитализација и ИКТ во УНДП во Скопје зборуваше за идејата и иницијативата на УНДП тим за развој на ЛОГЕС платформата која нуди услуги на локално ниво за граѓаните. Пред присутните претседатели од совети, членови на овие ТРГ ги претстави можностите на оваа платформа, кои услуги ги нудат општините кои се приклучиле на истата, како може да се приклучат други општини, каков статус може да има општината која искажува интерес за користење на оваа платформа и кои се придобивките од приклучувањето кон истата. Таа ги престави и нивните планови и очекувања и позитивни сигнали за соработка со Министерството за дигитализација кои иницијално даваат поддршка оваа платформа да прерасне во Национална платформа на која ќе бидат приклучени сите општини.
За методологијата на подготовка на интегрирани развојни планови за општината, кој е процесот на подготовка на плановите, за важноста од вклучување на сите засегнати страни во овој развоен документ за општината зборување Фисник Шабани, специјалист за локална самоуправа во УНДП.
Учесниците на работилницата искажаа голем интерес за мерките и програмите за справување со загадување на воздухот и кои се поволностите и можностите на Зелениот финансиски фонд за подобрување на квалитетот на воздух и борба против климатските промени. Александра Димова Манчевска, проектна менаџерка во УНДП ги претстави нивните активности кои ги спровеле за мерење на загаденоста на воздухот и креирање на соодветни мерки кои се родово чувствителни. Таа зборуваше за конкретни мерки кои ги реализирале на ниво на Град Скопје, конкретно за жителите од населба Лисиче во Аеродром како една од најзагадените населби. За заедничката програмата на ОН “Зелен финансиски инструмент за подобрување на квалитетот на воздух и борба против климатските промени во Северна Македонија“ зборуваше Гордана Поповиќ Фриедман, проектна специјалистка која детално се осврна на финансиските инструменти, кои се крајни корисници и како може да се користат. Поради актуелноста на темата, ЗЕЛС и УНДП планираат да одржат работилница за Зелен финансиски инструмент и за претставници од општинска администрација, членови на РГ за животна средина, енергетска ефикасност како и координатори за еднакви можности на жените и мажите.