Регионална конференција за димензиите на јавниот менаџмент, политиките и администрацијата
Факултетот за современи општествени науки, при Универзитетот на Југоисточна Европа, на 04.10.2024 год. oрганизираше регионална конференција на тема: „Истражување на димензиите на јавниот менаџмент, политики и администрација низ различни сектори“ на која учествуваа значајни претставници одговорни за креирањето политики за јавната администрација, владата, академскиот сектор од универзитети и институции од Северна Македонија, Србија, Албанија, Косово, и од Босна и Херцеговина. ЗЕЛС беше претставен од Заменик извршната директорка на ЗЕЛС, г-ѓа Ардита Дема Мехмети која пред присутните зборуваше за улогата на ЗЕЛС, состојбите со децентрализацијата како и за иновативните/дигиталните решенија на ЗЕЛС развиени за општините како што се електронските услуги: е- градежна дозвола, е- градежно земјиште и е-ствари. Таа го објасни процесот на воведување на овие електронски услуги кои ги администрира ЗЕЛС, како и се наврати на придобивките од користењето на истите како што се зголемување на ефикасноста во испорака на услугите, зголемена транспарентност и се наврати и на големиот интерес и од други земји за овие услуги кои како најдобри практики и модели се воведени во две соседни земји. Покрај важноста од дигитализација на услугите, таа зборуваше и за активностите на ЗЕЛС во градење на капацитетите на општинската администрација преку воспоставениот ЗЕЛС тренинг центар, преку кој низ структуриран процес на идентификување на потребите преточени во годишен план за обуки се испорачуваат голем број на обуки и советувања. Во поглед на реформата на јавната администрација информираше дека претставници на општините преку учество на две јавни дебати кои неодамна беа организирани во Скопје и Куманово, имаа можност за давање на мислење и коментари за предложениот пакет на закони од областа на јавната администрација, со надеж дека истите ќе се прифатат и значително ќе се подобри квалитетот на содржините на овој пакет на закони.
На овој настан имаше и презентација од сите земји учесници околу предизвиците, новините но и воведените иновации во пристапите за подобрување на состојбите со јавната администрација. Исто така беа претставени и гледишта и од други засегнати ресори кои се поврзани со услугите кои ги испорачува јавната администрација, кои посебно ја потенцираа и улогата на граѓанското учество во донесување на одлуки и важноста на инклузивниот пристап во носење на одлуки и градење политики.