ЗЕЛС организираше работилница за развивање на локални програми за поттикнување на женско претприемништво

Во рамките на „ Менторската програма за интегрирање на родовата еднаквост во локалните програми“  што ја  спроведува ЗЕЛС со експертска поддршка од Канцеларијата на UN Women во Скопје, беше организирана првата работилница посветена на развивање на локални програми за поттикнување на женско претприемништво од страна на општините. На работилницата, што се одржа во просториите на ЗЕЛС тренинг центарот, на 15 октомври, 2024 година, учествуваа претставници од општинската администрација, кординатор/ки за еднакви можности и членови на интер-секторската работна група за родово одговорно буџетирање од општините: Битола, Демир Хисар, Кисела Вода, Кочани и Штип.  Претставниците од овие пет општини, како и од општините Охрид и Гостивар  (кои не успеаја да присуствуваат на оваа прва средба) ги исполнија потребните услови што ЗЕЛС ги утврди во  јавниот повик до општините, објавен во првата половина на оваа година. Предвидено е  со експертките од Канцеларијата на UN Women во Скопје  да се одржи уште една работилница, а потоа секоја општина ќе добие и директна менторска поддршка во креирањето на концептот или на програмата на општината за поддршка на женско претприемништво. Програмата треба да содржи мерки,  активности и финансиски средства што локалната власт има можности да ги реализира во насока на поттикнување и на поддршка на жените да отворат сопствен бизнис или продажба на  производи што тие ги создаваат. 

Со цел работилниците да бидат што пополезни за претставниците од општините,  ЗЕЛС,  со експертска поддршка, креираше прашалник што го испрати до општините, а преку кој треба да се добијат сознанија за родовите предизвици со кои се соочува локалната власт, но и да се добијат сознанија за можностите и ресурсите со кои истата располага. Експертите на самиот почеток на работилницата ги анализираа податоците од доставените документи од општините (пополнетиот прашалник, Програмата за ЛЕР, Програмата за еднакви можност на жените и мажите, родовите податоци за општината поставени од Агенција за вработување) што треба да и помогнат во развивање на мерки за поддршка на женско претприемништво. Наодите од овие документи беа презентирани за секоја општина посебно,  при што беа изнесени насоки како во иднина да пристапат кон обезбедување на поспецифични, родово разделени и мерливи податоци. На тој начин општината ќе може да креира конкретни мерки и активности што ќе дадат најголеми резултати при поттикнувањето на женското претприемништво и во процесот на надминувањето на родовите стереотипи, а истовремено ќе овозможат и задоволување на важни  услуги за кои населението има приоритетни потреби. Поточно, беше укажано дека од голема важност е општината  да ги утврди попрецизно објективните  состојбите на терен и врз основа на тие податоци да креира политики со кои на најидеален начин ќе ги задоволи потребите на населението од одредени  услуги и истовремено ќе го поттикне женското претприемништво во таа насока. 

На работилницата беше  нагласено дека општината треба да креира средина во која жените ќе ја препознаат или зголемат својата креативност и ќе се охрабрат да ја преточат во сопствен бизнис. Општината е таа која треба да ги поддржи во нивните заложби, но при тоа треба да води грижа поддршката да ја даде онаму каде што претходно утврдила дека населението ќе има најголеми придобивки. На тој начин општината ќе ја има улогата на медијатор меѓу потенцијалот на женската креативност во таа локална власт и објективните потреби на своето население, при што полза ќе имаат двете страни. 

Присутните ги изнесоа и предизвиците со кои се соочува локалната власт при собирањето на родови податоци, но и  при спроведувањето на иницијативите за организирање на собири за  поттикнување на женско претприемништво. Стана збор и за недоволната буџетска поддршка од страна на општините за посериозно финансирање на самиот старт на развивањето на бизнис идеите на жените. Потоа беа изнесени и дилемите дали да се подготвува самостојна програма за мерки и активности за женско претприемништво или активностите да се стават во рамките на Програмата за локален економски развој на општината и во другите секторски годишни програми. Стана збор и за потребата и можностите за поттикнување на Советот  на жени претприемачи.  Претставничката од ЗЕЛС  изнесе добри практики на поддршка на женско претприемништво од Општина Бар ( Црна Гора)  при што  посочи и на досегашната десетгодишна соработка на ЗЕЛС и на  Канцеларијата на UN Women во Скопје за поддршка на родовата еднаквост и родово буџетско финансирање на општините од нашата земја. Беше нагласено дека ЗЕЛС има изработено и Стратегијата на ЗЕЛС за поддршка на општините за родова еднаквост со Акцискиот план што успешно се реализираат во континуитет.