Вевчани и Кочани со заштеда на електрична енергија преку реализација на иновативни проекти
Општина Вевчани и општина Кочани реализираа иновативни проекти за заштеда на електрична енергија. Вевчани интегрира фотоволтаичен систем на прочистителната станица за отпадни води. Кочани е прва општина во државата која воспостави електронски систем за паметно мерење и управување со јавното осветлување, со што се постигнати значителни заштеди, ефикасно искористување и намалени трошоци за електричната енергија.
„Секој проект што придонесува за заштита на животната средина има огромно значење за нас како општина. Поставувањето фотоволтаичен систем на прочистителната станица е особено важно затоа што претставува континуитет на нашите напори да ја подобриме енергетската ефикасност на јавните објекти, но и да го зголемиме нивото на искористеност на обновливите извори на енергија“, изјави Спасе Кочовски, градоначалник на Вевчани.
Фотоволтаичната централа е со инсталирана моќност од 19,8 киловати и се очекува на годишно ниво да произведува помеѓу 20 и 25 MWh електрична енергија. Од аспект на заштита на животната средина, проектот ќе придонесе за намалување на емисиите на стакленички гасови во атмосферата.
„Имплементацијата на ваков вид проекти има големо значење за локалните заедници бидејќи придонесува за намалување на енергетската сиромаштија, заштита на животната средина, подигнување на свеста на граѓаните и подобрување на условите за живот и работа. Со цел да се отиде чекор понатаму во овие предизвици, неопходен е сеопфатен пристап на централната и локалната власт кој меѓу другото ќе опфати и формирање Фонд за енергетска ефикасност“, вели Ивана Серафимова од Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС).
Со модернизацијата во управувањето со енергијата што се користи за јавното осветлување, Општина Кочани ќе има и дополнителни придобивки. Системот за управување е составен од лед светилки и сензори кои со кои се прилагодува интензитетот на светлина во зависност од временските услови и движењето на возилата и пешаците, а годишната заштеда на електрична енергија во просек изнесува околу 95 MWh.
“Првите резултати покажуваат и економски и енергетски заштеди од над 15 отсто со реализацијата на овој проект, а задоволство е дека се работи за македонски производ што за првпат се применува во општина Кочани и ќе биде пример за останатите општини. Покрај тоа што преку платформата имаме можност да ги следиме загубите, потрошувачката, напонот, кражбите на струја, да ги планираме јавните набавки за енергија за улично осветлување, со оваа платформа ќе имаме можност да ги надградиме постојните 69 ормани што беа опфатени во проектот со дополнителни елементи кои ќе ни даваат и податоци за квалитетот на воздухот, загаденоста на животната средина и подобрување на следењето во управувањето со јавното осветлување“, истакна градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов.
Воведувањето на проектот „Паметно мерење и управување на енергијата во системот за јавно осветлување во Кочани“ траеше 12 месеци, при што Германското федерално министерство за економска соработка и развој обезбеди максимална поддршка до 50 илјади евра, а околу 20 отсто од вредноста на работите ги кофинансираше Општина Кочани од сопствениот буџет.
Проектите на двете општините се на линија на седмата цел за одржлив развој на Обединетите нации: Обезбеден пристап до прифатлива, сигурна, одржлива и модерна енергија за сите, а со заштедата на енергија придонесуваат и за намалување на енергетската сиромаштија, глобално актуелна особено во последните три години на енергетска криза. Овој тренд треба да продолжи во сеопфатен процес што подразбира: зголемен обем на имплементирање проекти за енергетска ефикасност и јавно осветлување за општините, мониторинг на спроведени мерки и активности на државно и локално ниво, поголемо учество на обновливи извори на енергија во вкупното производство, и подобрување на енергетската ефикасност за справување со енергетските кризи.
На завршната презентација на проектот во општина Кочани присуствуваа и извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ, амбасадорката на Германија, Петра Дрекслер, заменик амбасадорот на делегацијата на ЕУ, Бен Нупнау, извршниот директор на Мрежата на асоцијации на локалните власти од Југоисточна Европа (НАЛАС), Кељменд Зајази, како и градоначалници од општините во регионот.
„ЗЕЛС во соработка со тимот од ГИЗ го спроведе повикот за аплицирање на проектите од мал обем за имплементирање мерки за енергетска заштеда на локално ниво. Одѕивот беше голем. Околу 30-ина општина аплицираа. ЗЕЛС го водеше процесот на аплицирање, а изборот на општините Вевчани и Кочани го направи регионалниот тим по теренска посета. Интересот на општините покажа дека таму каде што има конкретни и опипливи инвестициски понуди за подобрување на инфраструктура и услуги на општините, конкуренцијата е голема. Ова треба да ни биде и маркер за тоа како и каде да се насочуваат фондовите кон општините“, рече Душица Перишиќ, извршната директорка на ЗЕЛС.
Бен Нупнау, заменик амбасадор на Делегацијата на ЕУ истакна дека воспоставениот систем за јавното осветлување во Кочани е важна пресвртница во заедничките напори за енергетска транзиција преку намалување на побарувачката за енергија и негативните последици од климатските промени.
„Со овој проект ние сме пример дека партнерството не мора секогаш да биде на ниво на влада, туку дека може да биде и на ниво на општини затоа што тие се моторот на енергетската транзиција. Општина Кочани не почна вчера со енергетската транзиција, туку многу години работат на оваа тема и задоволна сум што преку заеднички напори овозможивме сега да се воведе ваков систем на осветлување“, изјави Петра Дрекслер, амбасадорка на Германија.
Вевчани и Кочани се дел од вкупно 10 општини од Западен Балкан кои реализираа иницијативи за енергетика, транспорт и климатски промени во рамки на проектот „ЕУ за енергетска транзиција: Пакт на градоначалници во Западен Балкан и Турција“. Проектот обезбедува техничка поддршка, зголемување на капацитетите, можности за вмрежување и поддршка на мали проекти во насока на развој, имплементација и мониторинг на Планот за одржлива енергија и климатска акција (SECAP). Проектот е кофинансиран од Европската Унија и од Германското сојузно министерство за економска соработка и развој (BMZ), а го имплементира Германското друштво за интернационална соработка (GIZ).