Одбележана 20 –годишнината од основањето на НАЛАС во рамките на 47 пленарна седница на Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа
„Локалната демократија како столб на мирот и стабилноста на Југоисточна Европа“ беше насловот на дебатата што беше организирана на 15 октомври, 2024 година, во Стразбур (Франција) во рамките на одржувањето на 47 пленарна седница на Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа. Поводот за оваа дебата беше одбележувањето на 20 –годишнината од основањето на Мрежата на асоцијации на локални власти на земјите од Југоисточна Европа (НАЛАС). На овој настан, како и во повеќедневните активности на НАЛАС, организирани во периодот од 15 до 18 октомври, 2024 година, во Стразбур, учествуваше извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ и првиот В.Д. претседател на НАЛАС, тогашниот претседател на ЗЕЛС, Горан Ангелов. Всушност, ЗЕЛС е асоцијација основач на НАЛАС и во континуитет е активна членка веќе 20 години. Првото Генерално Собрание на НАЛАС се одржа во Скопје, а од основањето па до денес, во Скопје се наоѓа и кацеларијата на НАЛАС.
Пред делегатите на Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа и пред поканетите гости и претставници од асоцијациите на локалните власти од земјите од Југоисточна Европа се обрати актуелниот претседател на НАЛАС, Душан Раичевиќ, градоначалник на Бар (Црна Гора) кој потсети дека ова Здружение е создадено токму со поддршка на Конгресот, а со цел промовирање на механизми на зближување на земјите од ЈИЕ и обезбедување на поддршка за имплементирање на европските стандарди на локално ниво. Тој посочи дека НАЛАС прерасна во влијателна мрежа што дава поддршка на локалната демократија, децентрализацијата и локалната самоуправа во земјите од Југоисточна Европа, особено при нивното пристапувањето во Европската Унија. На ова дебата се обрати и потпретседателот на Европскиот комитет на регионите, Андерс Кнапе, а изјава даде и Теодорос Русопулос, претседател на Парламентарното собрание на Советот на Европа.
На 47 седница на Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа беа разгледувани повеќе извештаи од следењето на примената на Европската повелба за локална самоуправа, а се дискутираше и за други теми: „Поттикнување на циркуларна економија на локално и регионално ниво“; „Улогата на регионите во меѓународната соработка за обновување на Украина“ и ,,Дигитализација, вештачка интелигенција и регионално управување“. На последната тема, свое излагање имаше Иван Донев, младински делегат од нашата земја.
Членовите на Управното тело на НАЛАС одржаа состанок во Стразбур, на кој дискутираше за реализацијата на Акцискиот план на НАЛАС за 2024 година и Финансискиот извештај за тековната година. Беше отворена и дискусија околу реализацијата на активности и достигнувањата на проектот SORI 3, каде ЗЕЛС е една од шесте асоцијации на земјите од Западен Балкан што учествува во овој проект и го спроведува на локално ниво. Во рамките на проектот беа презентирани ,,Извештајот за проценка на состојбата во асоцијациите и нивните капацитети за застапување за воведување на социјални услуги на локално ниво“ како и ,,Методологијата за застапување развој на социјална инклузија“.