Презентирани наодите од прашалникот за процена на ставовите на општините за процесот на децентрализација на социјалните услуги на локално ниво

„Финансиска поддршка на општините од централната власт,  преку блок дотации, за спроведување на надлежности од социјална заштита на локално ниво; обезбедување на административни и стручни кадри во општините и континуирано јакнење на нивните капацитети; отстапување на државни објекти на општината за   спроведување на социјални услуги и засилено лобирање за соодветни законски измени што ќе обезбедат солидна основа за децентрализирање на  социјалната заштита на локално ниво.“

Ова се основните заклучоци што произлегоа од анализата на одговорите на прашалникот што го изработи ЗЕЛС со експертска поддршка и го достави до сите општини во земјата со цел да ги утврди актуелните состојби на: инстутуционалната поставеност  во општините во областа на социјалната заштита; состојбата со административните капацитетите; степенот на подготвени стратешки документи за развој на оваа област; начинот на воспоставување и спроведување на социјалните услуги и расположението/ ставовите на општините за целосно преземање на надлежностите од социјална заштита. Анализата е направена врз досега пристигнатите одговори од 25 општини и истата беше презентирана на правата консултативна средба што се одржа на 22 октомври, 2024 година во просториите на ЗЕЛС тренинг центарот, пред претставници од општинската администрација кои досега имаат најголем напредок во спроведување на активности во областа на социјалната заштита. 

Средбата беше дел од активности што ги реализира ЗЕЛС, од компонентата за застапување и лобирање за продолжување на процесот на реформа на системот на социјална заштита, во рамките на Проектот  ,,Регионална соработка за подобра социјална инклузија на локално ниво“ каде заедно со асоцијациите на локалните власти во шесте држави: Албанија, Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Србија и Косово е партнер организација на имплементаторите на Проектот,  НАЛАС и ГИЗ.  Целта на Проектот е да ги поддржи локалните самоуправи и асоцијациите во зајакнување на нивните капацитети поврзани со развој и спроведување на политики и практики со социјална и економска инклузија на ранливите групи со посебен фокус на девојчиња и жени на локално ниво

Актуелни состојби во општините за реализирање на надлежности од областа на социјалната заштита

Прашалникот беше поделен во сет на прашања  од три категории : институционална поставеност; капацитети со кои располагаат општините и финансирање на овие услуги. Според добиените одговори за институционалната поставеност на општините за спроведување на социјални услуги утврдено е дека процентот на општини што имаат одделение за социјална заштита е минимален, односно дека овие обврски се доделени во одделенијата за правни и општи работи; за локален економски развој; одделение за јавни дејности и слично и најчесто е определено само со едно лице, кое освен обврски од социјалната заштита доделени му се и дополнителни задолженија од други области. Има и случаи каде општината во систематизацијата предвидела работно место за извршување на работни задачи од областа на социјалната заштита, но тоа не е пополнето. Во сетот на праша кои институции за обезбедување на социјалната заштита постојат во општината, во најголемиот број на одговорите наведени се: Центрите за социјална работа (ЦСР) и Дневните центри, потоа давателите на услуги (граѓански организации), Црвениот крст и Центрите за вработување, како и самата општина.

Во делот на капацитетите со кои располагаат општините, според пристигнатите одговори најголем број општини посочиле дека имаат изработено Програма за развој на социјалната заштита, Локален план за развој на социјалната заштита, стратегии за родова еднаквост, но има и општини кои не изготвиле ниту еден ваков документ, иако изработката на дел од нив претставува законска обврска за локалната власт. Од 25  одговорени прашалници, во 21 од нив е посочено дека во рамките на општината постои и функционира Советот за социјална заштита, а 14 општини потврдиле дека учествуваат во работата на регионалните совети за социјална заштита. 

Во делот на финансирањето на услугите за социјална заштита, најголемиот број од одговорите кажуваат дека тоа оди преку централниот буџет ( Центрите за социјална работа), но позитивно е што поголем број од општините посочиле дека и самите издвојуваат средства за финансирање на овој вид на услуги, односно дека плаќањето е комбинирано, а наведено е дека и дел од услугите се финансираат со донаторски средства. Минимален е процентот на општините (само две општини) што се запознаени со можноста на општината за купување на услугите од областа на социјалната заштита, здравството и културата со примена на Законот за јавни набавки. Од услугите од социјална заштита, развиени се или доминираат:  услугите во домот (помош и нега во домот и лична асистенција), потоа услугите во заедницата (дневни центри и центри за рехабилитација) и вон-институционална социјална заштита (установа за стари лица во Берово). Од добиените одговори во делот на социјалните услуги и улогата на ЕЛС, најголем број општини одговориле дека нивната улога е обезбедување на простор за воспоставување на услугата и понатаму во делот за мониторинг при нејзината испорака, како и поддршка со кофинансирање на услугите со средства од општинскиот буџет. Соработката на ЕЛС со ЦСР е оценета со просечна оценка. Општините посочиле дека најголем дел од обврските што ги спроведуваат во делот на социјалната заштита не се префрлени во надлежност на локалната власт, иако граѓаните тоа го очекуваат, па од тука  произлегува и  причината зошто засега поголем број општини не располагаат со доволно административни капацитети за спроведување на ваква надлежност.  Во следниот период ќе продолжиме со активности за застапување и лобирање пред централните институции за што се подготвува Анализа за состојбата со процесот на децентрализација во социјалната заштита, како и споредбена анализа со добри пракси од земјите во регионот во оваа област.