Преку медијација со министрите за транспорт, образование и земјоделие, ЗЕЛС ќе ги поддржи градоначалниците во надминување на предизвиците

На поканата за одржување на заедничка средба во административната зграда на ЗЕЛС, што ја упати претседателството на ЗЕЛС до двајцата градоначалници кои минатата недела преку медиуми најавија излегување од членството на ЗЕЛС, денес се одзва само Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски.  И покрај  очекувањата, на средбата не се појави градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадиновски. Средбата беше закажана со цел утврдување на реалните причини за незадоволството од ЗЕЛС и изнаоѓање на заеднички решенија за надминување на предизвиците.

Градоначалникот, Јакимовски на состанокот уште еднаш ги повтори причините за јавно изречената поддршка на градоначалникот на Општина Струмица за излегување од ЗЕЛС, како и причините за неговата намера да го стори истото.  Незадоволството особено беше насочено кон некоректниот и игнорантски однос  на дел од министрите од Владата што го имаат кон оваа општина, посочувајќи конкретни примери со министрите за транспорт и врски и за образование. 

–,,Очекувам сериозна поддршка од ЗЕЛС и реакција до посочените министри и Владата во однос на моите укажувања и укажувањата на градоначалникот на Општина Струмица. Сигурен сум дека не сме единствени и дека секој градоначалник на овој или оној начин трпи одредени предизвици и игнорантскиот однос од централната власт. ЗЕЛС  треба да не заштити и во името на сите да  ги заштити интересите на локалната власт во земјава„, рече Јакимовски на состанокот.

Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, во присуство на двајцата потпретседатели на ЗЕЛС, Висар Ганиу, градоначалник на Општина Чаир и градоначалникот на Општина Валандово, Перо Костадинов, како и на извршното раководство на ЗЕЛС,  ја изнесе својата зачуденост за јавно изнесените ставови на двата градоначалника, особено  што ниту еден од нив претходно ниту усно ниту со писмен допис не се  обратил до ЗЕЛС за поддршка во разрешување на предизвиците. Тој  нагласи дека не очекувал дека ќе му се  наштети на ЗЕЛС, за нешто што нема директна причина за тоа. – „ЗЕЛС е место за дијалог и така треба да остане. Токму затоа и го свикав овој заеднички состанок да  ги изнесеме причините и најдеме решенија. Предлагам до крајот на оваа недела јас заедно со двајцата потпретседатели на ЗЕЛС и извршната директорка на ЗЕЛС да се сретнеме со  министрите за  транспорт; за образование, но и со министерот за земјоделие и во улога на медијатори да разговараме за  можностите околу надминување на конкретните предизвици“, нагласи Ѓорѓиевски. При тоа тој побара од градоначалникот Јакимовски, уште еднаш да го преиспита изнесениот став за излегување од ЗЕЛС, на што му беше одговорено дека тоа ќе зависи од постигнатите резултати  од  претстојните разговори. 

Потпретседателот на ЗЕЛС, Перо Костадинов, пак нагласи дека претседателството на ЗЕЛС како и секогаш и сега застанува во поддршка на своите колеги градоначалници и дека со излегување од ЗЕЛС не се решаваат работите.  И тој се согласи дека не смее да се дозволи да се партизира ЗЕЛС, туку дека треба да останат сите обединети во изнаоѓањето на начини да се подобри состојбите во локалната власт, да се штитат интересите на општините и да се направат напори да се продлабочи децентрализацијата во земјата. - ,,Потребна е поддршката на едни со други градоначалници за доброто на граѓаните и развивање на локалната власт“, нагласи Костадинов. 

На средбата свое видување изнесе и потпретседателот на ЗЕЛС, Висар Ганиу, кој посочи дека и тој и неговата општина се соочуваат со слични предизвици и во областа на донесување на планска документација, недостаток на финансиски средства од блок дотациите за образование и низа други состојби, но дека тоа е причина повеќе сите заедно преку ЗЕЛС да направат поголем притисок до Владата и до министерствата за  нивно поуспешно разрешување. –„ЗЕЛС е институција на сите општини во земјата и нивна силна алатка тие здружени да постигнат повеќе за локалната самоуправа и за граѓаните“, нагласи Ганиу.

По состанокот присутните излегоа заедно и дадоа изјави пред медиумите.