ЗЕЛС домаќин на 23 состанок на Заедничкиот консултативен комитет меѓу Република Северна Македонија и Комитетот на регионите на Европската Унија
-„Свесни сме за улогата на локалните власти во процесот на пристапувањето и претстојните преговори на нашата земја во Европската Унија, бидејќи 70% од европското законодавство треба да се имплементира на локално ниво. Задачата на општините е да им ги доближиме европските стандарди на нашите граѓани и да ги имплементираме и почитуваме европските прописи. Но, наместо да се фокусираме на овие активности ние се повеќе се соочуваме постојаните сопнувања и условувања што ни ги наметнува, овој или оној сосед, на патот за започнувањето на преговорите“.
Вака претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски го започна своето воведно обраќање пред делегатите и гостите на 23 состанок на Заедничкиот консултативен комитет меѓу Република Северна Македонија и Комитетот на регионите на Европската Унија (ЗКК), што се одржа на 30 октомври, 2024 година во Скопје, во хотелот „Александар Палас“. ЗЕЛС и Министерството за локална самоуправа на Република Северна Македонија се домаќини на овој настан на ЗКК, каде 22 делегати на ова тело се од редовите на градоначалници и општински советници од нашата земја и од земјите на Европската Унија.
На овој состанок се обратија и министерот за локална самоуправа, Златко Перински; шефот за соработка од Делегацијата на ЕУ во нашата земја, Стефан Худолин и претседателот на Комисијата CIVEX (Комисија за државјанство, владеење, институционални и надворешни работи при Европскиот Комитет на региони Патрик Молиноз. Тие говореа на првата тема која е константна на секој од состаноците на ЗКК, а на втората тема - ,,Дигитална транзиција, особено во локалните и регионални јавни услуги“ се обрати заменик министерот за дигитална трансформација, Радослав Настасијевиќ Варџински., потоа известителот на Комитетот на региони за Зајакнување на локалната власт и претставничката демократија преку нови инструменти за дигитална технологија, Раит ПИХЕЛГАС и претставници од НАЛАС и АЛДА.
Данела Арсовска, градоначалник на Гард Скопје и ко- претседавач на ова тело од нашата земја го истакна значењето на ова тело и искуствата што нашите локални власти ги добиваат од своите колеги од Европската Унија преку него. Тие учат да не ги повторат истите грешки на патот кон интегрирање на земјата во Унијата, како и за европските стандарди и нивната имплементација. Таа посочи дека треба да се работи на продлабочување на децентрализацијата и обезбедување на сериозна финансиска самостојност на општините. При тоа го спореди буџетот на Град Скопје што по висина е сличен на некоја помала општина од Србија. Предизвик за нашата земја е и сузбивањето на корупцијата, шти што укажа на годинешниот Извештајот подготвен од GREKO,каде за прв пат е анализирана и корупцијата во локалната власт. Арсовска ја искористи и можноста јавно да и се заблагодари за успешната соработка на Јасна Габриќ, ко- претседавачот од страна на Комитетот на региони, која е член на Собрание на Општина Трбовље (Словенија).
Габриќ укажа дека на патот кон ЕУ треба да се работи на сопствени промени и подобрувања и дека и понатаму членството во ЕУ се заснова само врз заслуги. Таа потенцираше дека не е важно да се затворат кластерите, туку уште поважно е да се успее да се смени свеста на граѓаните за да ги прифатат потребните институционалните промени и реформи. И таа како и шефот за соработка во Делегацијата на Европската Унија во нашата земја, Стефан Худолин нагласија дека токму денес Европската комисија го објавила Извештајот за проширување на земјите кандидатки, во кој е посочно дека нашата земја има ограничен напредок и дека и понатаму треба да се работи на реформи во судството и сузбивање на корупцијата. Худолин посочи дека во овој момент на светски геостратешки превирањ, Европската Унија треба да биде единствена и дека таа дава поддршка на земјите од Западен Балкан за нивно побрзо интегрирање во овие процеси . Во таа насока посочи дека е и утврдувањето на посебен Комесар за проширување на ЕУ, утврден од страна на Европската комисија , како и одобрениот План за раст на Западен Балкан насочен меѓу другото и за побрзо економско интегрирање на земјите од регионот во ЕУ.
На втората тема „Дигитална транзиција, особено во локалните и регионални јавни услуги“ пред присутните ќе се обрати заменик министерот за дигитална трансформација во нашата земја, Радослав Настасијевиќ Варџински; известителот на Комитетот на региони за Зајакнување на локалната власт и претставничката демократија преку нови инструменти за дигитална технологија, Раит Пиџеглас; претставници од НАЛАС и од АЛДА. Беа нагласени стратегиските правци на нашата земја за побрзо имплементирање на системи и услови за дигитализација на услугите. Според изнесените искуства од Естонија беше препорачано при реформите во оваа област фокусот да се стави на тоа што сакаат граѓаните, тие да бидат едноставни за користење, да бидат усогласени меѓу локално и централно ниво заради поголема операбилност и да се води грижа за опременоста, заштита на податоци и на човечките ресурси До општините беше посочено дека треба да се стремат за соработка и взаемно интегрирање на електронски системи , а не секоја општина да употребува свој систем. Претседателот на ЗЕЛС ,Ѓорѓиевски пак посочи дека оваа Влада на општините им дава поддршка не само за реализација на инфраструктурни проекти, реформи во локалната власт, туку се планира поддршка и во обезбедување на што повеќе електронски услуги за граѓаните, меѓу кои и обезбедувањето на софтвер за ,,е-даноци,“ , нешто за што ЗЕЛС се залага веќе шест години. Тоа го потврди и министерот за локална самоуправа Пирински, кој најави обезбедување на “ е-даноци“, но и отворање на дискусија за промени во Законот за локална самоуправа, но исто така и во делот на дигиталната трансформација.