Излезе од печат новиот број на Гласило на ЗЕЛС

Во овој број на Гласило на ЗЕЛС ќе може да се запознаете со најзначајните активности што ЗЕЛС ги реализираше во месец октомври и оние кои се од значење за локалната власт. На почеток на октомври, Комисијата за следење на развојот на системот на финансирање на општините ги усвои предлог-уредбите за распределба на блок дотациите за 2025 година. Воедно, упати и остри забелешки за доцното доставување на предлозите бидејќи не се остава простор за нивно разгледување од телата и органите на ЗЕЛС, како и од Комисијата. Беше посочено дека блок дотациите не ги задоволуваат реалните потреби за спроведување на надлежностите и треба значително да се зголемат; дека на општините треба да им се овозможи поголема самостојност во управувањето со средствата и да се укине добивањето согласности од централната власт при вработување на потребните кадри.

Овој месец, општините и Владата на РСМ потпишаа договори за реализација на 274 проекти за капитални инвестиции во вредност од 4,1 милијарди денари во областа на транспортот, образованието, социјалната политика, културата и туризмот, животната средина и во спортот. Рокот за пријавување е пролонгиран до 15 ноември, а за следната година е најавено финансирање на нови проекти за општините во висина од 15  милијарди денари. 

Претседателството на ЗЕЛС ги повика на заеднички разговор градоначалниците на Струмица и на Карпош, Костадин Костадиновски и Стевче Јакимовски, кои преку медиумите најавија излегување од членството на ЗЕЛС. Ваквата нивна најава е поради некоректниот и игнорантски однос што кон овие општини го имале дел од министрите од Владата на РСМ, поконкретно министрите за транспорт и врски, за образование и за земјоделство. Претседателството се понуди за медијација во разговорите меѓу  двете општини и министрите и ги повика на преиспитување на  нивните ставови, бидејќи ЗЕЛС е заедница на сите општини каде единствената цел е унапредување на локалната власт и каде се штитат интересите на секоја  општина.  

Кон крајот на месецот, ЗЕЛС и МЛС беа домаќини на 23-тиот состанок на Заедничкиот консултативен комитет меѓу Република Северна Македонија и Комитетот на регионите на Европската Унија. На состанокот се обратија претседателот на ЗЕЛС, копретседавачите на ова тело, министерот за локална самоуправа, заменик- министерот за дигитална трансформација, шефот за соработка од Делегацијата на ЕУ во нашата земја и претставници од Комитетот на региони и делегати од нашата земја и од земјите членки на Унијата. Се говореше на две теми, од кои првата беше за процесот на започнување преговори на нашата земја со Европската Унија, а втората тема беше за развивање на дигитални услуги во локалната власт. 

Гласило Октомври 2024