Три општини од нашата земја и ЗЕЛС во состав на новоформираната платформа - Заедница на пракса за делиберативна демократија
Аеродром, Центар и Македонски Брод се општините од нашата земја кои изразија интерес и се пријавија да земат учество во Проектот „Промовирање на советодавна демократија и иновативни пристапи за учество на граѓаните во Југоисточна Европа“ што се имплементира од Центарот за експертиза за повеќе нивоа на управување на Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа, а се реализира со финансиска поддршка на Германија. Со тоа овие три општини од нашата земја заедно со уште 15 единици на локална самоуправа од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија и со седумте асоцијации на локални власти од овие земји, станаа дел од новоформираната Заедница на пракса за делиберативна демократија, што беше формирана на 14 ноември, 2024 година во Тирана ( Албанија) од страна на Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа. Заедницата на пракса за делиберативна демократија ќе служи како платформа за размена на досегашни искуства и за јакнење на општинските капацитети меѓу нејзините членки, а ќе биде координирана од страна на Мрежата на национални асоцијации на локални власти на Југоисточна Европа (НАЛАС).
Делегација од нашата земја составена од по еден советник и по еден претставник од општинската администрација од трите општини, заедно со еден претставник од ЗЕЛС учествуваа на промотивниот настан и формирањето на Заедницата во Тирана. Присутните ги поздрави директорката на Конгресот, Клаудија Лучиани, која во своето обраќање ја нагласи улогата на советодавните процеси како ефективен пристап за зајакнување на претставничката демократија и реализација на подобри политики. На овој прв состанок беше објавен и Конгресен водич за локалните власти на тема „Како да се организира делберативен процес на локално ниво?“ (достапен на англиски и босански јазик). На настанот се обратија и Амбасадорот на Германија во Албанија, заменик градоначалничката на Тирана, Фрида Пашако, извршниот директор на НАЛАС, Келменд Зајази, како и претставници од Советот на Европа.
Претставниците од нашата земја ги презентираа своите искуства за вклучување на своите граѓани во процесот на одлучување на локално ниво и алатките што ги користат. Претседателот на Совет на Општина Аеродром, Антонио Петковски говореше за актуелните консултации што ги реализира општината со граѓаните во подготовката на Буџетот на општината за следната година, но нагласи дека општината организира и низа други средби со граѓаните за бројни прашања од локално значење. Претседателот на Совет на Општина Македонски Брод, Маријан Алампиоски сподели искуства од спроведувањето на ,,проектниот форум на заедницата“ што се спроведува во рамките на Проектот за зајакнување на општинските совети, а за слични активности на учество на граѓаните во подготовка на општинскиот буџет и за алатката ,,Отворен Совет“ говореше советничката од Општина Центар, Марија Среброва. Заменик извршната директорка на ЗЕЛС, Ардита Дема Мехмети го нагласи високиот степен на развивање на граѓанската алатка,, форуми во заедницата “ што го постигнаа општините во нашата земја, со поддршка на ЗЕЛС. Повеќе од 60 општини ја институционализираа оваа алка во своите статути и повеќе од една деценија ја применуваат за консултација со своите граѓани при донесувањето на важни одлуки на општината. За поефикасно спроведување на „форумите“ од страна на општините ЗЕЛС обезбеди целосен процес за лиценцирање на лицата кои ги водат овие форуми - ,,форумски модератори“, за што беа подготвени два прирачника, но беше развиен концепт на спроведување на обуки и полагање на испит за стекнување со оваа лиценца. Од големо значење за присутните беа и искуствата што ги споделија претставници од градовите Мостар и Бања Лука. Тие преку практични примери го објаснија начинот на формирање на Собрание на граѓани што го спроведува концептот на делиберативна демократија во општината.
Проектот „Промовирање на советодавна демократија и иновативни пристапи за учество на граѓаните во Југоисточна Европа“ има за цел да придонесе во зајакнување на демократските процеси во Југоисточна Европа; да ги зајакне вештините и капацитетите на локалните власти и нивните здруженија; да ја подобри институционалната рамка за обука на локалните службеници и избраните претставници и ефективно управување со човечките ресурси и да го поттикнат учеството на граѓаните во донесување на одлуки од локално значење Проектот за делиберативна демократија промовира иновативни форми на учество на граѓаните, како дополнување на претставничката демократија во шесте земји од Западен Балкан.