Изнесени заложбите на локалната власт на конференција „Зајакната територијална соработка како пат кон одржлив регионален развој во Јадранско-јонскиот макро-регион“
Во организација на Министерството за европски прашања на 11 декември, 2024 во Скопје се одржа конференција на тема „Зајакната територијална соработка како пат кон одржлив регионален развој во Јадранско -јонскиот макро -регион“. Оваа конференција е дел од проектот „Поддршка од ЕУ за спроведување на Стратегијата на ЕУ за Јадранско- јонскиот регион во Северна Македонија“, финансиран од Европската комисија и спроведуван од Министерството за европски прашања. Ова е клучен период бидејќи веќе интензивно течат дискусиите за иднината на територијалната соработка за периодот после 2027 година и се идентификуваат предизвиците и предностите кон создавање на нови перспективи. Дискусиите низ трите панели придонесоа за збогатување на разбирањето и перцепција за територијалната соработка, програмите за територијална соработка, Јадранско-јонската стратегија и кохезиската политика на ЕУ во контекст на проширувањето.
Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани во обраќањето ја истакна важноста на Јадранско-јонската стратегија во креирањето заедничка иднина за нашиот регион. Тој посочи дека соработката е срж и суштина на заедничкото разбирање и на одржливиот регионален развој и ја нагласи заложбата за градење на мостови и рушење на бариерите што ги создаваат границите. – „Ова впрочем е и основната задача на политиката за кохезија, како носечки столб на европската интеграција и двигател на промените. Бројни се заеднички иницијативи кои ги следат внатрешните и надворешните граници на Унијата, заедно со земјите-кандидати и партнерите од соседството, меѓу кои, но не исклучиво, свое место заземаат програмите за преку-гранична соработка, транснационалните и меѓурегионалните програми, како и макро-регионалните стратегии. Нивното воспоставување и постојано унапредување и надградување е јасен показател дека територијалната соработка е сериозна движечка сила во смисла на економска, социјална и територијална кохезија“, рече Муртезани.
На конференцијата во рамките на панелот на тема -„Територијалната и макро-регионалната соработка како катализатор за пристапување на Западен Балкан во ЕУ“ говореше заменик директорката на ЗЕЛС, Ардита Дема Мехмети која ги претстави активностите на ЗЕЛС во делот на поддршката за општините за јакнење на капацитетите на општинската администрација, за што поголема искористеност на достапните фондови на Европската унија. Таа говореше и за лобирањето на ЗЕЛС и за начинот на информирање на општините. Во делот на предизвиците на локалната власт ја нагласи важноста на подобрување на фискалната децентрализација, што споредно со другите европски држави, па и оние во регионот е на многу ниско ниво. –„ Тоа директно придонесува општините да се лимитирани со подготвена планска документација која е неопходна за проектите за аплицирање за средства од европските фондови; се оневозможува ангажирање на соодветни човечки ресурси кои целосно ќе ги заокружат сите фази на проектот, од апликација до мониторирање, а исто така,како предизвик за повеќе општини се јавува и обврската за кофинансирањето при аплицирање во одредени фодови. Мехмети упати апел за обезбедување на поголема вклученост на општините во делот на програмирањето на следните фондови што ќе дојдат со кохезионите програми, од причина што околу 70% од европската законска регулатива се имплементира на локално ниво, а одговорни за создавање на условите и нивно квалитетно спроведување се токму општините“, нагласи Мехмети. Таа посочи дека и покрај огромните предизвици нашите општини покажуваат успешно менаџирање на повеќе полиња, а особено во унапредувањето на транспарентност во работењето и примената на електронски услуги за граѓаните. За максимално искористување на придобивките од кохезиската политика на ЕУ, неопходен е дополнителен ангажман за усогласување на законодавството, изработка на национални стратегии и зајакнување на капацитетите на локално ниво.
На конференцијата свои видувања изнесоа и претставници од НАЛАС и претставници од министерствата од Словенија и Хрватска што се задолжени за европски прашања и кои се вклучени во спроведување на Стратегијата на ЕУ за Јадранско-јонскиот регион (EUSAIR). Програмите за територијална соработка, присутни веќе 15 години, нудат можности за справување со заеднички предизвици и градење капацитети на сите нивоа. Во тој контекст, стратешка улога има Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на ЕУ. Нашата земја ќе ја преземе претседавачката улога со Стратегијата од втората половина на 2025 година. Од 2 април, 2020 година Република Северна Македонија е 9-ти член на семејството EUSAIR. Со ова приклучување се зајакнува регионалната соработка и политичкиот дијалог на повеќе нивоа за поинтегриран и одржлив јадранско-јонски макро-регион, како и за понатамошна поддршка на процесот на проширување на Западен Балкан во ЕУ.