Неопходни реформи во противпожарната заштита за градење на ефикасен систем за спасување и заштита
„Современите предизвици на системот за заштита и спасување“ беше темата на конференцијата што ја организираше Дирекцијата за заштита и спасување на 17 декември, 2024 година во Скопје, на која говореше и претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски. Тој ги изнесе ставовите на ЗЕЛС во делот на противпожарната заштита и ја потенцираше важноста од приоритетно третирање на реформи во оваа област за создавање ефикасен и финансиски одржлив систем за заштита и спасување, нагласувајќи дека превенцијата е основен столб за справување со кризните ситуации. На Конференцијата учествуваше и претседателката на РСМ, Гордана Сиљановска, Давкова; претседателот на Владата на РСМ, Христијан Мицкоски; министерот за локална самоуправа; директорот на Дирекцијата за заштита и спасување; градоначалници; претставници од синдикатот на пожарникари; од доброволните противпожарни друштва; професори, експерти и бројни претставници од тела и органи во државата, одговорни за безбедност, заштита и спасување.
-„ЗЕЛС со години апелира за приоритетност на реформите во противпожарната заштита. Само со заедничка посветеност на централната и локалната власт можеме да изградиме ефикасен систем кој ќе ги заштити нашите граѓани. Средствата што досега се одвојуваа за противпожарната заштита не се доволни за соодветно извршување на задачите и се коси со Европската повелба за локална самоуправа, според која за секоја префрлена надлежност, треба да се префрлат и соодветни средства за извршување. Анализата на ЗЕЛС потврди дека централната власт годишно за оваа цел обезбедува 4,5 милиони евра, но општините дополнително одвојуваат 4,1 милиони евра од сопствениот буџет. По секое пензионирање на пожарникар, на општината и се намалуваат средствата за тоа лице и не добива средства за ново вработување. Тажна е и сликата и кога гледаме противпожарни возила од 30 па и 50 години и пожарникари без соодветна опрема на себе.“ Ова го истакна претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски во своето обраќање при што нагласи дека сепак е добро што единиците на локална самоуправа се утврдени како значаен дел од целиот синџир на одговорни институции во земјава, опфатени во системот на заштита и спасување.
–„Во член 22 од Законот за локална самоуправа, во став 10 е утврдена оваа надлежност за општините. Имаме обврска да изработуваме Годишна акциска програма за заштита и спасување, која содржи општи нормативни претпоставки за реализирање на Националната стратегија за заштита и спасување. Формираме Општински штаб за заштита и спасување, што ги координира активностите на јавните претпријатија и установите основани од општината во врска со заштитата и спасувањето и ја следи нивната спремност за активирање во случај на природни непогоди и други несреќи. Исто така, ова тело е во координација со републичките органи за заштита и спасување. Општините вршат и други активности утврдени со закон“, нагласи Ѓорѓиевски. Тој изнесе и практични примери на активности на неговата општина, Кисела Вода, за подобрување на локалната заштита и спасување. На крајот од обраќањето, Ѓорѓиевски апелираше за уште поголема соработка меѓу локалната и централната власт за решавање на системските проблеми, изразувајќи оптимизам кој се темели на сè поголемата посветеност на локалната власт од страна на актуелната Влада.