Подготвен новиот број на Гласило на ЗЕЛС

Во текот на декември, ЗЕЛС реализираше низа активности, за кои подетално може да прочитате во овој број на Гласило на ЗЕЛС. Генералното собрание на ЗЕЛС, во декември, ја одржа седмата седница по ред на која делегатите дискутираа за Буџетот на ЗЕЛС и за Акцискиот план на ЗЕЛС за следната година. Во следната година, ЗЕЛС ќе подготви нов стратегиски план за 2026 – 2030 година. Нагласени се заложбите за лобирање пред централната власт во однос на донесување закон за општинска комунална полиција; продлабочување на децентрализацијата во областа на услугите од социјалната заштита и обезбедување нови електронски услуги за граѓаните, каде што приоритет е електронскиот систем за наплата на данокот на имот. Делегатите го усвоија и предлогот на Управниот одбор, членките на ЗЕЛС да плаќаат надомест за користење на информациските системи со кои управува ЗЕЛС, заради нивно тековно одржување, надградување, нивна стабилност, безбедност и чување на податоците во електронски облик. На седницата беа избрани и нови членови во Комитетот на совети при ЗЕЛС, бидејќи четворица претседатели на советите од општините: Велес, Кисела Вода, Охрид и Тетово, по парламентарните избори, заминаа на нови функции во централната и законодавната власт. Беше предложено новите членови да бидат лицата што се сега на истите позиции во овие општини.

Во организација на  ЗЕЛС,  МОН и УНИЦЕФ, на 2 декември 2024 година,  во Општина Штип и на 11 декември 2024 година во Општина Гостивар, беше промовирано започнувањето на процесот на поддршка на нови 23 општини за изработка на планови за оптимизација на училишната мрежа, во основното образование. На средбите присуствуваше и министерката за образование и наука, Весна Јаневска. Веќе во 10 општини се изработени вакви планови кои треба да помогнат во рационализација на материјалните, инфраструктурните и човечките ресурси во основното образование.

ЗЕЛС одржа тридневен настан во Гевгелија, во кој беа вклучени 11 пилот општини за подготовка на локален интегриран план за управување со вода за пиење и одведување на отпадни води, на кој му претходеше состанокот на Работната група за води и беше одржана втората седница на Комисијата за животна средина и комунални дејности на ЗЕЛС.

ЗЕЛС во просториите на административната зграда организираше форум ‒,,Здружени во ставање крај на родово базираното насилство“, со кој се приклучи на годинашната кампања – 16 дена активизам: #НемаОправдување: Преземете акција за ставање крај на насилството врз жените и девојчињата. На форумот се обрати претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски; министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски; пратеничката Лидија Петкоска, која е воедно и член на Комисијата за еднакви можности во Собранието на РСМ и Изабела Павловска, претседателка на Советот на Општина Крива Паланка, која воедно е и член на Лоби-групата за родова еднаквост при ЗЕЛС. Во овој месец, во просториите на ЗЕЛС, исто така, беше одржана и средба на Државниот совет за превенција на детско престапништво (ДСПДП) со претставници од локалните совети за превенција на детско престапништво од општините од Скопскиот Плански Регион.

Гласило 12.2024