ЗЕЛС организираше работилница за овластени просветни инспектори

Во административната зграда на ЗЕЛС, во просториите на ЗЕЛС тренинг центарот, на  24 јануари, 2025 година, беше одржана работилница за општинските просветни инспектори, членови на Мрежата за образование при ЗЕЛС. На средбата се дискутираше за имплементирањето на измените и дополнувањата на Законот за основно образование (Службен весник на РСМ 03/2025 од 03 јануари 2025 година) , а преку методот на студија на случај, присутните разговараа за начините на разрешување на бројни актуелни предизвици со кои секојдневно се соочуваат при вршењето на инспекцискиот надзор.

Потребно е јакнење на статусот на општинските инспектори

Присутните нагласија дека во локалната власт има недостаток од општински просветни инспектори чија улога е особено важна за законско спроведување на надлежностите во образованието и за превенирање на одредени состојби. Беше посочена потребата од усогласување на одредени одредби во Законот за просветна инспекција, Законот за инспекциски надзор и Законот за основно образование, поради утврдени состојби на колизија во надлежностите на општинскиот, со државниот просветен инспектор.  Од особена важност за општинските инспектори е тие да имаат пристап во ЕМИС (електронскиот систем за следење во образованието),  исто како и државните инспектори. Присутните истакнаа дека од страна на МОН и други институции, позицијата на општинскиот просветен инспектор е омаловажена во однос на државниот просветен инспектор. Исто така, беше нагласено дека е потребно натамошно јакнење на статусот на општински инспектори, но и обезбедување на поголема заштита при спроведувањето на одредени постапки. Присутните го реактивираа ставот за потребата од обезбедување на законски основ, со кој ќе им се овозможи на општинските инспектори, заедно со државните инспектори, да учествуваат во спроведувањето на процесот на интегралната евалуација во воспитно-образовните установи, што се во надлежност на општината. Беше наведено дека општинскиот инспектор, преку тековно утврдените сознанија за севкупниот воспитно образование процес, може многу да помогне во објективно утврдување на квалитетот на целокупното работење на училиштето. Во таа насока присутните изнесоа иницијатива за реализирање на непосредна средба со министерската за образование и наука,  за што  побараа поддршка од ЗЕЛС.

Детектирани обврските на општинските инспектори произлезени од измените и дополнувањата на Законот за основно образование

На работилницата посебен акцент беше ставен на измените и дополнувањата на Законот за основно образование. Овластената просветна инспекторка од Општина Велес, Македонка Виларова ги детектираше обврските за инспекторите што произлегуваат од имплементирањето на законските измени.  Беше нагласено дека треба да се обрне особено внимание при запишувањето на учениците, кое исклучиво ќе се спроведува според утврдената реонизација, а доколку ученикот живее подалеку од 2 км. од училиштето (бидејќи нема поблизу друго училиште) родителот е обврзан да поднесе  барање за надомест на патни трошоци и доказ за километражата. Цената и начинот на вршење на бесплатниот превоз на учениците се утврдува во согласност со Законот за превоз во патниот сообраќај, а за релација за која нема обезбедено линиски превоз, за висината на износот на бесплатниот превоз, одлука донесува основачот на основното училиште.  Присутните изнесоа низа предизвици поврзани со превозот и високите трошоците за оваа намена, при што беа посочени и добри практики, меѓу кои од Општина Кавадарци. Оваа општина има формирано јавно претпријатие, кое врши транспорт на учениците до училиштата и при реализација на ученичките екскурзии. На овој начин, општината обезбедила 50% заштеда на  трошоците за  ученички превоз.

Присутните ја нагласија потребата законски да се утврди членување на инспекторот или советникот за образование од општината во комисијата за трансформирање на работниот однос на  наставниците од определено на неопределено време, од причина што тие имаат целосен увид во сите училишта во општината за расположливоста на наставните кадри, бројот на часови што ги имаат и идните образовни развојни потреби. Со новите законски измени членовите на комисијата и директорот на училиштето, кривично одговараат за создавање на технолошки вишок. Беше изнесено дека голем број општини се соочуваат со исплаќање на финансиски средства од судски одлуки заради отпуштање или не трансформирање на работниот однос на наставник, на чие работно место бил распишан нов конкурс и е примено ново лице. Исто така беше нагласено дека од септември оваа година, при формирањето на паралелките треба да се внимава на вклучувањето на педагозите во наставата, односно со измените тие може да предаваат само до трето одделение, а не и во четврто и во петто одделение, како досега. Беше нагласено дека при инспекцискиот надзор треба да се обрне внимание при формирањето на паралелките, и на одредбите кои се однесуваат на задолжителното запазување на етничка балансирана структура на учениците. Беше укажано и на измените за воведување на тутор (лице кое обезбедува дополнителна поддршка на учениците кои имаат потешкотии во учењето) кој со законските измени е предвидено да добива финансиски надомест, наместо досегашното постоење на  тутор-волонтер. Новина во измените на Законот за основно образование е воведувањето на  „единствен образован број на ученикот“ кој ќе го следи ученикот низ неговото образование и ќе ги поврзува сите податоци за него.

Со законските измени, за наставникот кој не ги извршувал своите работни задачи за спречување на напад над ученик или не интервенирал за време на нападот над ученик, според новите законски измени се поведува дисциплинска постапка за сторени потешки повреди во работењето и истото претставува основ за престанување на работниот однос со отказ, согласно прописите од областа на работните односи.

Присутните дискутираа и за потребата од иницијатива за усогласување на  Закон за просветна инспекција со законските одредби за прекршоци во однос на издавањето платен налог, како и за многу други прашања поврзани со спроведувањето на обврските на општинскиот просветен инспектор. Присутните нагласија дека  овој вид на работилници што ги организира ЗЕЛС, успешно ги јакне капацитетите на општинските инспектори и значително придонесува за поголема ефикасност во нивното работење, бидејќи се темели на споделување на конкретни предизвици и  утврдување на  решенија за нивно надминување.